fbpx

Криминална група сечела дрва на диво и ги легализирала преку фирма-параван

-

Седуммина скопјани и еден кичевец се осомничени дека како членови на криминална група, преку фирма-параван, формирана за таа намена, ја легализирале и прикривале нелегалната сеча на дрва за огрев, оштетувајќи ја државата за сума од околу 14,6 милиони денари, соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција поднело кривични пријави против осомничените, кои се товарат за злостроничко здружување, а дел од нив и за злоупотреба на службената положба и овластување и за употреба на исправа со невистинита содржина.

Како што соопштуваат од МВР, шестмина од осомничените биле предадени на обвинителството за натамошна постапка, додека двајца се во бегство и полицијата трага по нив.

На четворица од приведените, судија на претходна постапка им одредил мерка притвор од 30 дена.

Првоосомничени во случајот, кој е продолжение на обемната полициска акција „Гора“, се Ј.Ч.(38), вработен како самостоен референт во ЈП „Македонски шуми“ – Шумско стопанство „Караџица“, А.К. (50), заменик-командир на шумската полиција за Скопје и Г.Х. (52). Тие во периодот од март до мај минатата година, со намера да стекнат противправна имотна корист, ја формирале криминалната група. Во групата ги вклучиле и Ж.Ч. (77), сопственик на фирмата „Мегамак“, инаку татко на првоосомничениот,  А.У., вработен како шумарски техничар за заштита на шуми во фирмата и лицата А.А. (38), Ф.Ј. (53) и В.А. (34).

Фирмата „Мегамак“, првоосомничените ја формирале лани во мај и добиле дозвола од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство „да врши работи во врска со шумите за приватни парцели и им издало жиг за обележување на исечени дрва“.

Вака формираното правно лице им служело како средство за прикривање на нелегално исечената дрвна маса, „покривајќи ја“ со фиктивни процедури и постапки, како и со фиктивна документација (одобренија за сеча и испратници за транспорт), со која ја легализирале нелегално исечената дрвна маса“, стои во соопштението од МВР.

Според полицијата, групата „особено внимание обрнала на криминално стопанисување со црковен имот – шума, врз основа на издадени полномошна и договори склучени помеѓу членовите на групата и црковни лица од неколку епархии при Македонската православна црква“.

По наредба од Основниот суд Скопје 1, полициски екипи извршиле претреси во работните простории на Шумското стопанство „Караџица“, од каде одзеле лаптоп-компјутери, таблет, куќиште од компјутер, печат со натпис „Мегамак дрво“ ДООЕЛ, повеќе преносни мемориски чипови, мобилни телефони, СИМ-картички, мемориска картичка, надворешна меморија, чекан со жиг, како и разна финансиска документација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...