fbpx

Патриотска и славеничка клима во Атина по фијаското во Брисел

-

Патриотска и славеничка клима владее во Грција бидејќи Ципрас не потклекнал на европските притисоци по вториот неуспешен обид за постигнување договор меѓу грчката влада и европските министри за финансии.

Пропаднатиот состанок на Еврогрупата само дополнително ги раздвижи патриотските чувства и поддршката за Ципрас.

Граѓаните остануваат обединети на страната на Ципрас, што и практично се покажа со масовниот протест пред парламентот во знак на поддршка на политиката и на обидот на владата да се даде отпор кон европските партнери за финансиската иднина на Грција.

На социјалните мрежи преовладуваа сатирични коментари кои се потсмеваат со обидот повторно да се заплаши народот. „Ниту чекор назад!“, „Европа да не заборави дека ние сме независна држава“ се само дел од коментарите на социјалните мрежи. „Ако народот не го плати банкарскиот долг, ќе мора да го платат банкарите? Зарем навистина сакате да им го направите тоа на кутрите луѓе?“, се вели во еден од сатиричните коментари кои кружат на социјалните мрежи. Голем „бум“ предизвика колумната на Пол Кругман за „Њујорк тајмс“, која ја споделија огромен број Грци, истакнувајќи дека ЕУ треба да покаже разбирање и да ѝ дозволи на Грција да земе оддишка од строгата политика и од притисоците за штедење.

Медиумите што се ориентирани кон СИРИЗА пренесуваат славеничка клима. „Торпедо за Шојбле“, пишува левичарскиот весник „Авги“, „Грција пружа отпор“, се вели во насловот на „Весник на новинарите“, придружен со голема слика од карневал каде германската канцеларка Ангела Меркел е претставена како голем киклоп кого премиерот Алексис Ципрас се обидува да го елиминира. Голем дел од останатите медиуми, пак, пренесуваат загриженост. „Драматични часови“, „Агонија по неуспехот“, „Судир на Еврогрупата“, „Остри несогласувања во Брисел“, „96 рок за договор или… несреќа“ се дел од насловите во „Имерисија“, „Нафтемборики“, „Та неа“, „Етнос“ и „Елефтерос типос“.

„Етнос“ пренесува клима на загриженост, но, во исто време, и мал оптимизам дека, можеби, може да се најде решение. Сепак, според оцената на весникот, грчката влада е одлучна по секоја цена да се држи до предизборните ветувања. „По случувањата во Брисел, Ципрас изгледа одлучен да не прифати услови кои се сметаат за неподносливи и кои целосно се косат со предизборните ветувања и со условите што ги постави партијата“, пишува „Етнос“. Според „Катимерини“, Ципрас сам станува жртва на своите ветувања, бидејќи доколку направи отстапка, ќе се најде на линч на народот, а доколку не направи никаква отстапка, нема да успее да се договори со европските партнери и со тоа може да ја загрози европската иднина и финансиската стабилност на државата. „Ципрас ја направи грешката што вети сè на сите предизборно. Во грчкото општество постои голем дел граѓани кои сакаат вистински реформи, кои ќе ги ослободат можностите на граѓаните и ќе доведат до здрав развој. Ќе се осмели ли Ципрас да ја пренесе оваа волја? Ако да, ќе најде поддршка за тешките одлуки, кои ќе завртат нова страница за Грција. Ако, пак, им даде предност на државните паразити, ќе најде сојузници на патот кон драхмата“, пишува весникот „Катимерини“.

Нова демократија и ПАСОК изразуваат голема загриженост за тоа во која насока се движи државата со политиката на Ципрас. Грчките социјалисти коментираат дополнително дека Ципрас, на крај, ќе попушти и Грција ќе прифати, во суштина, нов меморандум за штедење, спакуван во поинаква форма од претходната.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...