fbpx

Информативна пролет со „Твитер“ и со „Јутјуб“ во Македонија

-

Студентските маршови и протести, „бомбата“ на Заев и сега „контра-бомбата“ на Анонимусите и случајот со малата Тамара од Велес се темите за кои социјалните мрежи зовреа. За разлика од твитер-заедницата, која неуморно твиташе и споделуваше информации на овие теми, традиционалните медиуми парцијално ги пренесоа или целосно ги игнорираа. Тие полека ја губат битката со времето, па информациите им доцнат и по неколку часа или се објавуваат еден ден подоцна, како што е случај со весниците.

Дури и новиот американски амбасадор во земјава, Џес Бејли, одбра пораката пред доаѓањето во Скопје да ја упати преку „Јутјуб“, а кога пристигна, наместо досегашната практика да даде некое интервју на телевизија или во весниците, тој „твитна“:

„Среќен сум што се приклучив на „Твитер“ и што ќе почнам разговори со луѓето од Македонија“.

Твитот на амбасадорот Бејли има 46 ретвита и 106 корисници го обележиле како омилен.

Дали интернетот го презема приматот во информирањето наспроти класичните медиуми?

goran mihajlovskiГоран Михајловски, главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вест“, кој од неодамна стана активен корисник на „Твитер“, вели дека сега оние кои не читаат весници, „читаат“ интернет.

– Треба да знаеме дека оние кои не читаат весници, „читаат“ интернет и дека паѓа довербата во традиционалните медиуми, телевизијата и во весниците бидејќи тие не објавуваат сè. Во принцип, сепак, сметам дека традиционалните медиуми се порелевантни од „фејсбук-новинарството“, кое не смее да се користи само така и директно, туку сè што е таму треба прво добро да се провери – вели Михајловски.

Социјалните мрежи, како „Твитер“ и „Фејсбук“, се алатката за комуницирање и за информирање која ја користат помладите, но зема голем замав и кај сите генерациии бидејќи информациите таму се најбрзи, најпрегледни и не се цензурирани како што е често случај со традиционалните медиуми.

– Кога пишувам во колумната за некоја целна група која е активна на социјалните мрежи, има драматично зголемување на читаноста на текстот на интернет. На пример, кога напишав за недостигот од инсулин, бидејќи во Македонија има 30.000 дијабетичари и посредно тоа ги засега 100.000 луѓе, читаноста експоненцијално ми порасна. Ова особено се покажа и кога пишував за студентските протести, па станав активен и на „Твитер“ и драматично се зголеми посетеноста. Рекордот го урна последната колумна со 60.000 прегледи преку интернет – вели Михајловски.

igor trajkovskiСпоред Игор Трајковски, основач на агрегаторот за вести „Тајм.мк“, кој има посебен софтвер за мерење на популарноста на хаштазите на „Твитер“, најпопуларeн хаштаг (односно збор или фраза кои се користат за пораките на одредена тема) во периодот од први декември па сè досега во македонската твитер-сфера е #СтудентскиМарш, кој е искористен во 27.841 твитови. На второ место е #ff со 14.214, а на трето место е #СтудентскиПленум со 13.848 твита. Хаштагот #бомба, кој произлезе од прес-конференцијата на Заев, има 3.941 твита и се наоѓа речиси на крајот на листата, односно на 16. место од најкористените хаштази. Ова се должи на тоа што на хаштазите за активностите на „Студентски пленум“ се твитаат информации, слики, видеозаписи и поддршка, а истовремено се користат и за организирање и за координирање. Прекинот на мобилните мрежи за време на студентскиот марш на кој присуствуваа повеќе од 10.000 луѓе само ги засили твитањата на тој хаштаг.

За „бомбата“ на Заев можеа да се забележат помалку твитови со информации и со поддршка, а повеќе досетки на твитерџиите кои се познати по својот хумор.

Хаштагот #Ж, кој подолго време се користи како синоним за премиерот Никола Груевски, има 9.693 твита и се наоѓа на шесто место на најкористени хаштази.

Социјалните мрежи одиграа значајна улога и во Арапската пролет. Кога Египќаните биле запрашани од каде се информирале за настаните за време на бунтот, неверојатни 94,3 отсто одговриле дека се информрале од социјалните мрежи, повеќе од кои било други медиуми.

Најпопуларните хаштази во периодот од 1 декември 2014 година до 11 февруари годинава

#СтудентскиМарш 27.841
#ff 14.214
#студентскипленум 13.848
#третасмена 11.359
#ДоброУтро 10.284
#Ж   9.693
#Macedonia   6.970
#СтудентскиПротест   5.700
#ТикТакТикТак   4.986
#онакога   4.879
#макракомет   4.759
#љубов   4.499
#исповед   4.336
#фф   4.230
#катар2015   4.075
#бомба   3.941
#јер   3.589
#хехе   3.529
#ТвитерНагради   3.304
#zasemk   3.214
#ЕвеНеЗнам   3.169
#ПорадиТебе   2.786
#НаПрвДејт   2.513
#одјава   2.350
#proza   2.291
#длабоко   2.283
#македонијa   2.137

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...