Крајот на јагленот е на повидок со утврдените амбициозни обврски на Обединетото Кралство на КОП 26

Фото: Karwai Tang/ UK Government, COP26 https://www.flickr.com/photos/186938113@N07/51646761612/

Крајот на јагленот – единствениот најголем придонесувач за климатските промени – е на повидок благодарение на Обединетото Кралство и фактот што обезбеди коалиција од 190 земји и организации потписници на COP26, при што земји како Полска, Виетнам, Египет, Чиле и Мароко јасно ги објавија своите обврски за постепено укинување на енергијата од јаглен, информираат од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

Обврските здружени преку напорите предводени од Обединетото Кралство, вклучително и новата „Изјава за транзиција од глобалниот јаглен до чистата енергија“, опфаќаат развиени земји и земји во развој, големи корисници на јаглен и климатски ранливи земји. Таа вклучува 18 земји кои за прв пат се обврзуваат постепено да ги отфрлат и да не градат или инвестираат во нова енергија од јаглен, вклучувајќи ги Полска, Виетнам и Чиле, што означува пресвртница на COP26 во глобалната транзиција кон чиста енергија.

Оваа изјава ги обврзува земјите ширум светот да стават крај на сите инвестиции во новото производство на енергија од јаглен на домашно и на меѓународно ниво. Воедно, земјите се обврзани да го зголемат и обезбедат чисто производство на енергија што е можно поскоро, да ја укинат на енергијата од јаглен во економиите постепено во 2030-тите за големите економии и 2040-тите за остатокот од светот, но и да направат правична транзиција на енергијата од јаглен на начин што ќе им користи на работниците и заедниците.

Воедно, кампањата на Обединетото Кралство предвидува обврска за големите банки да го прекинат финансирањето на јагленот, покрај обврските на Кина, Јапонија, Кореја и Г-20 за прекинување на финансирањето на производство на јаглен во странство до крајот на 2021 година, со што практично ќе се стави крај на целото јавно финансирање на новата несмалена енергија од јаглен.

„Во Северна Македонија, Обединетото Кралство ја поддржа подготовката на Националната стратегија за енергетика која ќе го отвори патот кон почиста, позелена и поодржлива енергија. Сега го поддржуваме првиот план за имплементација на стратегијата (2020 – 2026 година), патоказот на целосната визија на земјата за радикална енергетска транзиција, постепеното укинување на големите застарени лигнитни постројки кои се големи загадувачи и движењето кон алтернативи како што се соларната, ветерната и хидроенергијата“, рече амбасадорката Рејчел Галовеј.

За да се исполнат целите од Парискиот договор за ограничување на порастот на глобалната температура на 1,5 степени, глобалната транзиција кон чиста енергија треба да напредува четири до шест пати побрзо од сегашното.

Со оглед на тоа што јагленот е единствениот најголем придонесувач за климатските промени, неговото постепено укинување и испораката на брза и инклузивна транзиција кон чиста енергија е од суштинско значење ако сакаме да ги одржиме 1,5 степени во живот.

Во последните шест години забележано е намалување за 76 отсто во бројот на нови фабрики за јаглен планирани на глобално ниво, што значи откажување на 1.000 гигавати нови фабрики за јаглен од усвојувањето на Парискиот договор, приближно еквивалентно на околу 10 пати повеќе од вкупниот врвен капацитет за производство на Обединетото Кралство.

Глобалниот договор за оддалечување од јагленот кон чистата енергија е овозможен благодарение на голем број други иницијативи свикани од Обединетото Кралство, вклучувајќи го започнувањето на групата „Не за нова енергија од јаглен“ составена од шест земји на Дијалогот на високо ниво на ОН во септември, проследена со обврските во изјавата за транзиција на глобалниот јаглен кон чиста енергија.

Меѓу иницијативите свикани од Обединетото Кралство е и поддршката на економиите во развој. Големите економии во развој најавија планови за забрзување на правичната транзиција од јаглен кон чиста енергија. Тука е вклучено Партнерство за транзиција на Јужноафриканската Република во правична енергија во вредност од 8,5 милијарди долари, како и Индонезија и Филипините кои договорија ново партнерство со Азиската развојна банка за поддршка на предвременото повлекување на постоечките фабрики за јаглен. Дополнителни најави за финансирање се очекуваат на COP26.

Уште една иницијатива е поддршката на економии кои интензивно се потпираат на производството на енергија од јаглен. Земјите со значајно производство на електрична енергија и ископ на јаглен се соочуваат со големи социјални и финансиски предизвици кога станува збор за транзицијата од јаглен.

Советот за енергетска транзиција (ETC) на Обединетото Кралство на COP26 ја мобилизира и координира помошта потребна за да им се овозможи правична транзиција од јаглен кон чистите енергии на економиите кои интензивно се потпираат на производството на енергија од јаглен, преку соединување на 20 влади и над 15 меѓународни институции чија цел е да ја забрзаат транзицијата од јаглен на чиста енергија како дел од зеленото економско закрепнување, информираат од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

Тамошната влада започна и со уште една нова меѓународна декларација за правична транзиција, која што досега 12 земји ја потпишаа, покрај Обединетото Кралство и Комисијата на ЕУ, покривајќи широк спектар на финансирање од светски донатори, што сега води кон праведна транзиција за заедниците ширум светот.

Обединетото Кралство веќе испорачува многу од најамбициозните обврски за чиста енергија меѓу најголемите светски економии, со тоа што се обврза целосно да ја укине енергијата произведена од јаглен до 2024 година, придвижувајќи го производството на енергија од обновливи извори со декарбонизиран електроенергетски систем до 2035 година и на тој начин покажа дека справувањето со климатските промени не треба да биде на сметка на растечката економија.

Помеѓу 1990 и 2019 година, економијата на Обединетото Кралство порасна за 78 отсто, додека емисиите на јаглерод се намалија за 44 отсто, најбрзото намалување на Г7 – енергијата произведена од јаглен сочинува помалку од 2 отсто од производството на електрична енергија во споредба со 40 отсто пред речиси една деценија. Овие достигнувања го следат објавувањето на значајната британска Стратегија за нулта емисија на јаглен минатиот месец.