fbpx

Коѕиас: Македонија повеќепати го прекрши меѓународното право околу бегалската криза

-

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, критикува дека Македонија повеќепати го прекршила меѓународното право при справувањето со бегалската криза и се однесувала небалансирано.

Во интервју за „Весник на новинарите“, Коѕиас на прашањето колку инцидентите на Идомени ги отежнуваат грчко-македоските врски, истакнува дека Грција ја предупредила Македонија добро да размисли како ќе постапува при справувањето со бегалската криза и како тоа ќе влијае на идните врски со ЕУ и со нејзините институции.

– Одговорност за ова имаат и земјите членки на ЕУ, кои и покрај нивното присуство во БЈРМ не го спречија нејзиното вакво однесување. Од наша страна, се справуваме со ваквите прашања со трезвеност и со одговорност. Во заблуда се тие што мислат дека ќе престанеме да преземаме иницијативи и да водиме активна надворешна политика – вели Коѕиас во интервјуто.

Критиката, која е продолжување на меѓусебните обвинувања меѓу македонските и грчките политичари, доаѓа само неколку дена пред одржувањето на регионалниот самит за бегалската криза во Солун, на кој ќе учествува и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, со кој Коѕиас најверојатно ќе има и билатерална средба.

Самитот е грчка иницијатива за подобрување на соработката меѓу Грција, Македонија, Албанија и Бугарија околу бегалската криза, а на него ќе учествуваат министрите за надворешни и за внатрешни работи на четирите земји.

Што се однесува до зајакнувањето на соработката околу бегалската криза, грчкиот весник „То вима“ пренесува дека Грција го одбила предлогот на ОБСЕ за формирање заедничка канцеларија за меѓугранична соработка со Македонија, за да се воспостави поголема контрола над Идомени.

Оценките во Атина биле дека прифаќањето на предлогот и воспоставувањето заедничка канцеларија ќе биде тешко за справување од политичка гледна точка. Имено, грчката страна била загрижена колку е соодветен моментот таква идеја да се постави на гласање пред грчкото собрание во овој период, а проблематично било и на која територија точно би се поставила канцеларијата, поради што конечно се одлучило да се одбие оваа идеја.

Предлогот бил испратен од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје до грчката полиција пред десетина дена, односно пред инцидентите меѓу бегалците и македонската полиција, со идеја да се постави заедничка кацеларија за македонските и грчките сили за подобра контрола и за следење на ситуацијата на границата, по моделот на контактни точки кои Македонија веќе ги има на границите со Србија, Бугарија и со Албанија.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...