Пандемијата со ковид-19 е најдобриот показател за потребата од дигитални технологии, кои на еден или друг начин сите ги користиме како за работа, учење, забава, дружење, играње игри, односно за нормално функционирање. Истите треба да се развијат и промовираат, така што сите граѓани ќе имаат пристап и можности безбедно да ги користат.

Oва беше речено на онлајн настанот организиран од Фондацијата  „Метаморфозис“, „Дијалози за дигиталната агенда“, во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА”, на кој присуствуваа министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје, претставници на граѓански организации, новинари и засегнати страни.

„Ако нешто научивме од пандемијата, тоа е дека дигиталниот свет е навистина важен. За да се излезе од финансиската криза што е можно побрзо, треба да се финансира дигитализацијата. Ќе има значително влијание врз подобрувањето на состојбата. Сега видовме дека не инвестирањето во нив, може да чини многу. Наша цел во наредниот период е да обезбедиме системски подготвителни решенија за општа електронска комуникација во рамки на институциите и помеѓу институциите. До 2021 година да се овозможи најмалку 30 проценти од органите на државната управа да имаат електронски систем за автоматизација на административните постапки, а до 2024 година системот да биде во целата државна администрација. Да се ​​овозможи спроведување на договорот потпишан со Mastercard, за развој на иновативни дигитални сертификати за потврда на идентитетот. Да продолжиме со отворања на сервисен центар во сите градови на Северна Македонија, следејќи го примерот на Скопје“, рече министерот Шаќири.

Извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, рече дека истражувањето што го спровеле покажало дека не сите слоеви на општеството или населението се свесни или ги чувствуваат придобивките од дигиталната технологија или дигиталната трансформација, не секој знае како да ги користи истите, или не секој има пристап до нив.

А за тоа, Јашари процени дека се потребни неколку работи:

– Треба да се изградат капацитетите на сите вклучени страни, во целосна смисла на зборот – сите, значи ако е можно целото население;
– Подигање на јавната свест за придобивките, но и ризиците од користењето на дигиталните технологии;
– Борба против технофобијата што понекогаш може да е зајакната со разни дезинформации, како што беше случај неодамна со дезинформациите за 5G технологијата;
– Вклучување на сите засегнати страни во поставувањето приоритети и потреби на граѓаните за избор, развој и употреба на дигиталните услуги;
– Безбедност на услугите и приватност, да бидат суштински дел во развојот на секоја услуга, бидејќи тоа драстично влијае на нивната употреба;
– Треба да имаме соодветна институционална законска рамка што ќе овозможи непречено користење на дигиталните услуги.

Претставничката на делегацијата на ЕУ во Скопје, Сања Фрковиќ, рече дека Европа се обидува да овозможи конкурентна економија преку дигитализација, притоа почитувајќи ги правата на корисниците.

„Европската Унија се стреми технологијата да ја направи вистинската разлика на своите граѓани на дневна основа, да овозможи силна и конкурентна економија што ќе се усовршува на начин што ќе ги почитува европските вредности. Преку ова, да се обезбеди дигитална економија што ќе има глобална конкуренција, а потрошувачите ќе имаат доверба дека нивните права ќе бидат безбедни“, рече Фрковиќ, објаснувајќи дека според Договорот за стабилизација и асоцијација, Македонија е должна да ги развива и усогласува своите политики и законската рамка во областа на електронските комуникации и информатичкото општество со онаа на ЕУ.

Мила Јосфифовска – Даниловска од Фондацијата „Метаморфозис“ ги презентираше клучните наоди од истражувањето за состојбата на дигиталната агенда во Северна Македонија, кое е поддржано од Европската Унија.

„Познавањето на дигиталната агенда е мало, односно 52,6 проценти од граѓанските организации и 50 проценти од медиумите имаат знаење за истата. Институциите проценуваат дека деловниот сектор е позапознаен со електронските услуги отколку граѓаните. 40 проценти од граѓаните знаат електронски услуги на ниско ниво, додека 60% на задоволително ниво, од друга страна 70 проценти од деловниот сектор ги знае на задоволително ниво, додека 30 проценти на високо ниво. Националниот портал за електронски услуги е познат само за одредена група – млади луѓе и оние кои имаат добри дигитални вештини“, се само некои од откритијата презентирани од Јосифовска-Даниловска.

Во водичот за истражување за унапредување на дигиталната агенда на Северна Македонија, меѓу другото, се повикуваат институциите да ги вклучат невладините организации во креирање на политики поврзани со Дигиталната агенда, да инвестираат во дигитализацијата на виталните услуги, националниот портал за електронски услуги да се направи полесен за користење, градење на капацитети на невладините организации и јавните службеници, но и гарантирање на сајбер безбедноста.