Корупцијата во (не)платеното образованието, на учениците им се земаат пари на незаконски начин

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Некои по 50 денари, а другите по 100 денари, така, според учениците, некои средни училишта во Северна Македонија, со години противзаконски земале пари од
учениците, за да овие добијат свидетелството. Иако сите директори кои ги
контактиравме негираат такво нешто, „Порталб.мк“ обезбеди порака на еден
професор кој бара пари од учениците за ова, а разговаравме и со неколку ученици. За нив, оваа практика веќе била “нормализирана” и не биле информирани дека парите им се земаат противзаконски. Ахмед Ќазими од Секторот за образование во Тетово ги охрабрува учениците да ги пријавуваат ваквите случаи, известува Порталб.мк.

Сојузот на средношколци вчера објави запис во кој јавно пријавуваат некои средни училишта, кои со години земале пари од учениците за да овие добијат свидетелства на крајот на школската година.

“Минатата недела, Сојузот на средношколци прими поплаки, од ученици во средните училишта во неколку градови од земјата, дека нивните училишта ги обврзале да плаќаат такси за издавање на свидетелства. Ова е скандалозно и проблематично заради неколку причини. Најважно, барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на јавното образование. Односно, Сојузот на социјалните медиуми прима информации од ученици од средните училишта, кои го информираат Сојузот за ваквата практика, но исто така се жалат и поради фактот дека тие треба да плаќаат во училиште такси за работи за кои нема опции, а тоа се свидетелствата.
Тетовските гимназии “7 Март” и “Кирил Пејчиновиќ”, средното економско училиште “8 Септември”, како и стручните средни училишта “Моша Пијаде” и “Гоце Стојчески” наплаќаат по 50 денари од учениците за да им издадат свидетелства. Учениците треба да го платат овој износ во текот на јуни. Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа дури 100 денари за издавање на едно свидетелство” се вели меѓу другото во објавата на Сојузот на Средношколци.

Од оваа организација информираат дека оваа практика се применува во сите училишта во Северна Македонија, а има пријави и за училиштето “Зеф Љуш Марку” во Скопје, “Гоце Делчев” во Куманово и други училишта.

Дополнително, новинарот на „Порталб.мк“ обезбеди слика каде еден од наставниците
во едно од средните училишта во Тетово бара по 50 денари за свидетелствата, а поради начелото на пресумпција на невиност, одлучивме да не го објавиме името на професорот сè додека ова не биде утврдено од соодветните институции.

Во разговор со една ученичка, која заради страв од закани побара да остане анонимна, меѓу другото вели дека не била информирана дека ова што се случува е противзаконски.

– Реално секоја година плаќаме по 50 денари на крај на годината, односно кога ги добиваме дипломите. Така е според закон, првин парите ги зема класниот наставник и потоа тој му ги доставува на секретарот на училиштето – рече една од ученичките, која сакаше да остане анонимна.

Според директорот на средното училиште “Моша Пијаде” во Тетово, наставниците не смеат да примаат пари на товар на учениците. Тој ги повика институциите да ги истражат ваквите случаи.

– За оваа година сè уште не сме одлучиле со доделувањето на свидетелствата, затоа ова ми изгледа малку симптоматично. Меѓутоа, ние како училиште стоиме на ставот дека пари за свидетелствата не треба да се земаат. Доколку има такви случаи, ги повикувам институциите да преземат мерки. Учениците никако не смее да се оштетат или злоупотребат, ако има докази за такво нешто, институциите треба да постапат –  рече Небојша Трковски, директор на средното училиште “Моша Пијаде”.

Директорите на средните училишта “7 Март” (Миќерем Ризаи), “8 Септември” (Мирјета Иљази) и “Никола Штејн” (Исан Емини), на новинарот на „Порталб.мк“ апсолутно му негираа вакво нешто, тие едногласно велат дека “ова не се случило и процесот на доделување на свидетелствата за оваа година не започнал”.

Од Секторот за образование во Општина Тетово пак, рекоа дека немаат информација за такво нешто, меѓутоа, раководителот на овој сектор ги охрабрува учениците кои имаат докази дека се земени пари од нив, да се обратат до надлежните институции.

– Процесот на доделување на свидетелствата за оваа година не е започнат, бидејќи истите сè уште не пристигнале од Бирото за Развој на Образованието, свидетелствата се доделуваат бесплатно и сиот овој процес треба да се одвива бесплатно. Немам информации дека се собирани пари од учениците. Ги охрабрувам учениците и институциите да преземат мерки и доколку постои таква појава, лицата кои ја злоупотребиле нивната службена положба да одговараат пред соодветните институции и пред законот – рече Aхмед Ќазими, раководител на Секторот за Образование во Тетово.

Во Законот за средно образование не се потенцира специфично прашањето на свидетелствата, сепак, се вели дека средното образование е задолжително, нешто што автоматски ја обврзува државата на граѓаните да им овозможува такво нешто во целост.

„Средното образование е задолжително за сите граѓани во РСМ, под еднакви услови предвидени со овој закон” се вели во првиот ред од член 3 на Законот за средно образование. „Средното образование е бесплатно” се вели во член 3 од Законот за средно образование.

Дека не е дозволено никој да прима пари од учениците во текот основното и средното јавно образование, е предвидено и во Универзалната Декларација за Човековите Права, а Северна Македонија е потписник на истата.

„Сите треба да го уживаат правото за образование. Образованието треба да е бесплатно”, се вели во член 26 од оваа меѓународна конвенција.

Инаку, ваквите постапки го загрозуваат јавниот карактер на образованието, кој според законските измени во 2008 година е предвидено да биде бесплатно. Освен тоа, земањето пари од учениците е прекршување на законот и сторителот може да се казни за “злоупотреба на службена положба”.