fbpx

Користењето на некои електронски услуги е зголемено, но е далеку од посакуваното ниво [инфографик]

-

Употребата на одредени електронски услуги во текот на 2021 година, во однос на периодот 2019/20 година бележи благ пораст. Ова го покажуваат податоците што ги обезбеди ИЦЕДА (ICEDA) во соработка со Порталб.мк, споредувајќи ги со податоците од прелиминарното истражување, кога истите електронски услуги се користеле помалку. Сепак, зголемувањето е сé уште далеку од нивото на кое граѓаните треба да ги користат овие услуги, известува Порталб.мк.

Во Северна Македонија и понатаму недостасува база на податоци за користење на електронските услуги што ги обезбедуваат јавните институции. Сепак, Порталб.мк обезбеди податоци за повеќе институции, кои беа цел на истражувањето за 2020 година па според тоа е направена споредба во колкава мера се користеле тогаш и каква е состојбата сега.

Национален портал за електронски услуги

Во декември 2019 година започна со работа Националниот портал за е-услуги, кој им овозможува на граѓаните пристап до информации за јавните услуги од релевантните органи и државни субјекти. Исто така, преку овој портал може да се поднесуваат барања за добивање некои е-услуги, за плаќање надоместоци или административни такси, за следење на статусот на процедурите или за преземање други чекори при вршење на која било административна услуга, но за да ги извршите тие мора најпрво да отворат сметка или да креираат профил „eID“.

Порталот нуди 839 услуги од 1.288 јавни институции, а 50 од нив се електронски.

Според податоците во ноември 2020 година, бројот на регистрирани корисници на порталот бил 26.129, а сега достигнал 70.532.

Од неговото отворање, преку порталот се испратени 18.942 барања или според пресметките на Порталб.мк, преку истиот просечно секој месец се поднесени 701 барања. Само во изминатите 30 дена се поднесени 1.100 барања.

Управа за водење на матичните книги

Управата за водење на матичните книги (УВМК) управува со матичните книги, односно евидентира и издава изводи од матичната книга на родените, венчаните или умрените. Подрачни единици има низ државата, но оваа институција нема евиденција за тоа колку барања за изводи се примени од шалтер, односно колку граѓани ги доставиле барањата со физичко присуство.

Институцијата располага со податоци за бројот на поднесени барања по електронски пат.

Во прелиминарното истражување објавивме дека во периодот од 2019 до септември 2021 година електронски биле поднесени вкупно 27.764, додека во текот на 2021 година оваа бројка е зголемена за околу 7.000, односно поднесени се 34.746 барања.

Централен регистар

Официјалните податоци на Централниот регистар покажуваат дека трите услуги, кои беа цел на нашето истражување, во текот на 2021 година биле користени по електронски пат повеќе во споредба со претходниот период септември 2019-2020 година.

Според податоците, во текот на 2021 година Централниот регистар по електронски пат издал 11.641 потврди за тоа дали се изречени прекршочни санкции за вршење на професија, дејност или обврски на физички или правни лица. За споредба, во периодот септември 2019- 2020 година, Централниот регистар издал 588 вакви потврди.

Зголемување има и кај другите две услуги и тоа „забрана за учество на јавни повици, јавни набавки“ при што од 936 издадени потврди во периодот септември 2019-2020 година, во текот на 2021 година електронски се издадени 3.739 потврди, како и во услугата „потврда за стечајна постапка“, при што од претходно 15.004 издадени потврди, во текот на 2021 година тој број изнесува 24.834.

Министерство за внатрешни работи

Една од услугите што е широко користена е закажувањето датуми за документи за лична идентификација, возачка дозвола или пасош. Овие документи ги издава Министерството за внатрешни работи, но за да се стигне до истите, мора однапред да се одреди датум, а тоа може да се направи електронски, дури и преку смарт телефони и преку мобилен број.

Според податоците на МВР, забележано е зголемување на користењето на електронскиот систем за закажување термини, односно во 2019 година на овој начин биле закажани само 21.862 термини. Во текот на 2020 година (до август) бројот на закажани термини достигнал 104.607, додека во текот на 2021 година овој број се зголеми на 172.943.

Користењето електронски услуги сé уште е далеку од посакуваното ниво

„Зголемувањето на бројот на регистрирани корисници на Националниот портал за е-услуги (електронски услуги) е чекор во вистинската насока, но е далеку од реалниот број на граѓани кои треба да користат јавни услуги. Во моментов, според она што го имам како информација, нема видливи напори од страна на институциите за промовирање на порталот или да ги повикуваат граѓаните да го користат. Преку двата центри за поддршка на е-влада во Прилеп и Кичево, финансирани од Европската Унија преку проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“, АГТИС и Рурална коалиција веќе прават напори за промоција на порталот, поддржувајќи ги граѓаните да се регистрираат на истиот и да користат некои е-услуги од интерес на граѓаните кои се на порталот и другите кои не се дел од него“, вели Мила Јосифовска Даниловска од проектот на Метаморфозис, ИЦЕДА.

Според неа, голем недостаток на порталот е што во него не се ставени сите услуги што ги нудат државните институции за да истите можат да се добијат преку порталот, а исто така не сите услуги се дигитализирани.

„Тоа е подолг процес во кој мора да работат сите засегнати страни – граѓаните мора да покажат кои услуги им се приоритетни да се дигитализираат или да наведат дали имаат потешкотии и предизвици при користењето на постоечките е-услуги, а институциите треба да се водат од потребите на граѓаните и да соработуваат со граѓанскиот сектор и ИТ заедницата за нивно создавање“, додава Јосифовска Даниловска.

Исто така додава дека генерално, не можеме објективно да коментираме за користењето на е-услугите во нашата земја кога за тоа немаме точни информации кои се јавно достапни, за да може да се направи споредба за одреден временски период.

„Не постои унифицирана база на податоци со сите податоци за е-услугите, а не се знае ни колку тие се користат електронски, наспроти традиционалниот начин – со физичко присуство. Оваа база на податоци е од суштинско значење за да институциите ги следат, оценат и планираат создавање на нови е-услуги или да ги подобрат постоечките, да видат кои е-услуги најмалку се користат и да истражуваат, да откријат каде треба да ги интензивираат своите напори или да ја разгледаат стратегијата за нивна промоција, да се види дали има потреба од градење капацитети за целната група да ја користи таа е-услуга итн.“, Јосифовска Даниловска.

Според неа, некои изолирани случаи на зголемено користење на услугите по електронски пат (наведени погоре), се добар показател дека граѓаните почнуваат да ги разбираат придобивките од дигиталната достапност на услугите.

„Живееме во ера во која животот ни се развива со брзо темпо и не можеме да си дозволиме да поминуваме време чекајќи пред шалтерите со часови, во некои случаи и денови, за да добиеме од институциите каков било документ кој е важен за да оствариме некои наши права или некоја наша придобивка“, рече таа.

Да потсетиме дека граѓаните на Северна Македонија тешко добиваат документи „само со еден клик“ на интернет. Тоа се случува затоа што државата нуди ограничен број е-услуги, потенцијалот на националниот портал не се користи иако има граѓани иако имаат опрема, немаат доволно информации за електронските услуги. Според истражувањето што го спроведе Порталб.мк, произлегува дека не се ни знае колку граѓани ги користеле овие услуги, споредено со традиционалните услуги – со физичко присуство.

Ако РСМ се дигитализира како земјите од Европската Унија, а има намера да се зачлени, во тој случај некои документи што не треба да постојат, ќе треба да се исфрлат од употреба, бидејќи тие само ги зголемуваат трошоците и се губење време за граѓаните да аплицираат и да чекаат да ги добијат.

 

Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), Партнери за демократска промена (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...