Контраспин: Тоа што „не е препознаена“, не значи дека корупцијата ја нема на високо ниво

Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, министерот Благој Бочварски и премиерот Зоран Заев на реконструкција на патот Ресен-Охрид преку Галичица. Фото: Влада на РСМ, 24 јули 2021.

Не е вистина дека „никаде во највисокиот ешалон, дури ни во вториот, не е препознаена корупција“. Тоа не се вели директно, но не се отфрла, ако се прочита внимателно целиот извештај што произлезе од Стејт департментот на САД, а кој се однесува на инвестициската клима во земјата. Затоа премиерот, не може така, со општа изјава да ги амнестира и првиот и вториот ешалон и директорите на јавните претпријатија, пишува „Вистиномер“ во својот нов Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, даде изјава во врска со корупцијата во која се препознава спин:

Спин: Нема да барам одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата. Никаде во највисокиот ешалон, дури и во вториот, не е препознанена корупцијата. Значи, таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена е по анализата …во делот на административното функционирање на јавните институции…

…После сите анализи, нам ни е јасно нивото на корупцијата на трето ниво, таму каде граѓаните шалтерски допираат – имотен лист, решение за градба и слично и ќе го промениме тоа. Посебно, дури и Стејт Департментот ја поздравува дигитализацијата, каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво ќе се замени со компјутер, ќе може да се ‘бајпасира’ тој субјективен фактор на административниот работник, кој е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација.

[Извори: 24 Вести – Заев/изјава и 360 Степени -датум: 26.07.2021]

 

 

Контраспин: Премиерот Зоран Заев на прашање на новинари околу ставовите за корупцијата во земјата во извештај на американскиот Стејт департмент и дали ќе бара одговорност за вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата (Љупчо Николовски), даде одговори во кои се препознава извртување на вистината или спин.

Прво, не е вистина дека „никаде во највисокиот ешалон, дури ни во вториот, не е препознаена корупција“. Тоа не се вели директно, но не се отфрла, ако се прочита внимателно целиот извештај што произлезе од Стејт департментот на САД, а кој се однесува на инвестициската клима во земјата. Се разбира, таа можеби не е детектирана од Владата на Заев, но премиерот, не може така, со општа изјава да ги амнестира и првиот и вториот ешалон и директорите на јавните претпријатија.

А, во споменатиот американски извештај, во делот каде се споменува корупцијата (точка 9 од Извештајот, но и во воведниот дел), најмалку еден пасус укажува на тоа дека корупцијата не е исклучено да ја има и во првиот, и во вториот, и во третиот ешалон и не само во извршната власт, туку и во судството и во многу други сектори:

Спроведувањето на законите за борба против корупцијата на моменти беше слабо и селективно насочено кон владините критичари и престапници на ниско ниво. Постојат веродостојни обвинувања (тврдења) за корупција и во спроведувањето на законите, во судството и во многу други сектори.

Ако се имаат предвид и речениците од извештајот дека „чести се извештаите за непотизам во јавните набавки или дека многу бизниси кои работат во Северна Македонија, вклучувајќи и некои компании од САД, ја идентификуваат корупцијата како проблем во јавните набавки и во судството – може да се согледа дека извештајот воопшто не исклучува дека корупцијата може да се лоцира и во првите или во вторите ешалони на власта, како што вели Заев.

Конечно, кој ги прави законите? Најчесто Владата и нејзините министри, односно апаратот на извршната власт со кој тие командуваат. Тогаш се наметнува прашањето зошто тој прв и втор ешалон од власта, со цел подобрување на условите за спречување и борба со корупцијата не се потрудиле да донесат и законодавство со кое изрично на компаниите би им забраниле нудење поткуп? Макар и преку законско инсистирање дека на јавна набавка не може да учествува компанија која нема такви внатрешни правила. Бидејќи во тој извештај, во кој се споменуваат и јавните набавки како лоцирана област погодна за корупција, вклучена е и следната реченица:

Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници. Голем број домашни невладини организации се фокусираат на антикорупцијата и транспарентност во јавните финансии и тендерските постапки. Чести се извештаите за непотизам на јавните тендери. Владата не обезбедува посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагата на корупцијата.

Колку за информација, јавните набавки само на локално ниво за 2020 изнесувале 130 милиони евра, а на централно ниво тие се над една милијарда евра.

 

Не е само Стејт департментот! И за ЕК тоа е „прашање на загриженост“

Впрочем, корупцијата како проблем во општеството не е детектирана само од Стејт департментот. Во последниот извештај за напредокот на РСМ кон европските интеграции, објавен во октомври 2020 година, Европската комисија зборот корупција имала потреба да го спомене дури 66 пати и да заклучи дека „земјата има одреден степен на подготвеност / е умерено подготвена да ги примени правото на ЕУ и европските стандарди во оваа област“ (се мисли на правосудството и фундаменталните права), за потоа да го констатира следново:

Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост.

Станува јасно дека ако и Стејт департментот и Европската комисија констатираат дека корупцијата ја има во многу области, зборовите на премиерот Заев дека таа најмногу е лоцирана во администрацијата, онаму каде што граѓаните имаат допир со шалтерите, а не е пронајдена во првиот и во вториот ешалон, се извртување на вистината, т.е. спин.

Иако со овие извештаи не се намалува вредноста на напорите што ги направила Владата („постигнат е добар напредок преку консолидирање на учинокот за истражување, гонење и судење случаи на корупција на високо ниво“ – општата оценка во извештајот на ЕК), ниту, пак, координацијата што ја прави секторот на вицепремиерот Љупчо Николовски за системска помош на органите и телата што практично треба да ја сузбијат корупцијата, и иако има спинови и од опозциската ВМРО-ДПМНЕ дека „врие од корупција“ во Владата на Заев, самиот премиер со изјавата што ја оценуваме како спин, не ѝ помага на борбата против корупцијата.

Зашто, да потсетиме, Заев и најблиските луѓе до него постојано повторуваат дека законите важат за сите и дека никој нема да биде амнестиран, доколку се утврди дека ги прекршил законите. Зошто тогаш такви изјави ако премиерот смета дека корупцијата ја нема во првиот и во вториот ешалон, а и во третиот кај директорите?