fbpx

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој таа ја кажа репликата за „Мапет Шоу“ беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Таа говореше за тоа дека во институциите, вклучувајќи го и Собранието, треба да има индивидуалци, непартиски луѓе со интегритет и дигнитет, влијателни личности во јавниот живот, кои отворено ги кажуваат своите критички ставови, во дебати, дискусии или преку колумни

-

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на пензионерите, туку на влијателни, квалитетни луѓе надвор од партиските табори – аналитичари, експерти, колумнисти… Токму нив ги повика Силјановска да не гледаат сеир отстрана, туку да се вклучат во политичката арена и институционално да ја водат битката за да се менуваат нештата на подобро. Тонот на оваа нејзина реплика прозвучува саркастично, но не беше ниту навредлив, ниту потценувачки кон никого, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

  

Владејачката СДСМ преку писмено соопштение го критикуваше настапот на кандидатката за претседател на државата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма, искажувајќи го притоа следниот спин:

 Спин: Пензионерите за Гордана Силјановска-Давкова се „ Мапет шоу“ 

„Аман од Мапет шоу и од оние старците“ –  тоа е потценувачкиот и навредлив став и однос на Силјановска кон пензионерите, кон нашите повозрасни граѓани, кои ја граделе државата, кон нашите родители, баби и дедовци.

[ИзворВеб-страница на СДСМТајм.мк датум: 16.03.2024]

Контраспин: Во оваа реакција на интервјуто на претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова социјалдемократите ја извртуваат вистината околу тоа што таа навистина го кажа во нејзиниот настап.

Силјановска-Давкова воопшто не зборуваше за пензионерите. Контекстот во кој таа ја кажа репликата за „Мапет Шоу“ беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Таа говореше за тоа дека во институциите, вклучувајќи го и Собранието, треба да има индивидуалци, непартиски луѓе со интегритет и дигнитет, влијателни личности во јавниот живот, кои отворено ги кажуваат своите критички ставови, во дебати, дискусии или преку колумни. Уште напомена дека во јавниот живот кај нас препознава такви луѓе и дека нив местото им е во институциите, дека тие треба да се вклучат во политиката и да се обидат нешто да сменат. Се повика и на европскиот тренд во политиката да се ангажираат личности кои имаат сопствен, личен кредибилитет и настапуваат надвор од партиските стеги, напоменувајќи дека ние имаме такви луѓе и дека треба да се искористи нивниот потенцијал.

Говорејќи во тој дух, изразувајќи се сликовито таа ја спомена култната куклена серија од седумдесеттите години на минатиот век која изобилуваше со саркастичен хумор. „Аман од Мапет шоу и од ложата загарантирана за оние старците кои само критикуваат цинично, ама ништо не прават“, кажа Силјановска и притоа заклучи: „Наместо да се набљудува, треба да се разбурка средината“ (од 18,22 минута до 18,38 минута од видеото).

Самата реплика не се однесуваше на пензионерите, како што велат од СДСМ, туку на влијателни, квалитетни луѓе надвор од партиските табори. Таа не спомена никого посебно, но јасно беше дека мисли на аналитичари, експерти, колумнисти. Нив ги повика да не гледаат сеир отстрана, туку да се вклучат во политичката арена и институционално да ја водат битката за да се менуваат нештата на подобро. Тонот на репликата на Силјановска прозвучува саркастично, но не беше ниту навредлив, ниту потценувачки кон никого. 

Како СДСМ ги смести пензионерите во спинот за „мапетите“

Што точно кажа Силјановска може да се види од самото интервју објавено на Јутјуб. Па така, на 16,35 минута од видеото, на забелешката на новинарката: „Како е можно од Јустинијан први (Правниот Факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје) да дојдете во најлошата училница за демократија ( мисли на парламентот)“, Давкова одговара (од 16,41 минута од видеото):

Не, не беше лоша. Знаете зошто, бидејќи нели велиме во реалполитика … Редно беше јас да видам дали она што го предавам навистина постои. Се шокирав, се шокирав!  Меѓутоа јас сум реформски тип. Сите ќе ви кажат дека од начинот на дискусија во работните тела до начинот на презентирањето на амандманите или адресирањето на проблемите има нешто различно. Иначе не заборавајте, трендот денеска во сите европски држави е на листите да се најдат, дури и бројка има, барем 30 проценти луѓе со дигнитет и интегритет  кои не се членови на партијата , меѓутоа можат да ја вознемират демократската средина или недемократската средина и сите трагаат и по такви кандидати.  И јас препознавам, постојано деновиве велам, препознавам читајќи текстови, слушајќи дебати, дискусии, слушајќи ве вака по телевизии, луѓе на кои им е местото точно во институциите каде што се носат најважните одлуки. Сите знаеме дека ако не се забавите со политика, политиката секогаш се занимава со вас. (18,10 од видеото) И баш би сакала луѓе коишто имаат зад себе нешто, наместо да коментираат вака по емисии или да пишуваат по весници критички осврти , па да пробаат нешто да сменат. (18,22 минута од видеото) Иако еднаш реков, сигурно се сеќавате, аман од Мапет шоу и од ложата загарантирана за оние старците кои само критикуваат цинично, ама ништо не прават. Наместо да се набљудува, треба да се разбурка средината.

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Потоа, на коментарот на новинарката (18,39 минута од видеото), зошто успешен, реализиран човек со самопочит, професија би се втурнал во простор без правила на игра, во една арена каде има поголем ризик да загубиш отколку нешто да придонесеш, Силјановска најпрво констатира дека „за жал сите умни луѓе најчесто вака размислуваат и имаат лоша претстава за политиката дека е нешто валкано…“ (од 19,10 минута од видеото) и потоа додава:

Но, не се согласувам. Не. Има ситуации кога… не само кај нас, во многу поразвиени земји, кога кризата на лидерството, кога однесувањето не само што е авторитарно, туку и непристојно и примитивно ги натерало мнозина луѓе да помислат дека нешто мора да се смени. Како пред војна ослободителна, кога старци оделе зошто велеле дека овој моментум не смее да се пропушти…

Срамота е ние во 90-тите години да сме имале влади што наликувале на академија – ако им го гледате профилот на луѓето, парламент во кој луѓето останувале со денови посветени, работеле зошто имале надеж и биле наивни. И, да се најдеме сега во еден парламент во кој можеби повеќе од 30 проценти луѓе не прозбореле, не прозбореле! Најголемиот дел само креваат раце, најголем дел не ги читаат законите, туку апсолутно мислат дека е тоа некакво место каде што треба тоа што го договориле партиите или им го рекле нивните лидери да го прават.

Јас уште пред вратата пред  влезот (на Собранието н.з.) реков дека ќе се обидам да делувам субверзивно и мислам дека делувам. Ако субверзивни бидат и многу други, замислите 20 – тина, 30 – тина луѓе со дигнитет и интегритет, па знаете што, ќе почнат луѓето и да сакаат да слушаат и ќе веруваат дека има шанса за македонската демократија.

Така што, од самата снимка јасно се гледа дека ниту контекстот, ниту тоа што го говори Силјановска нема некаква врска со пензионерите. Ниту, пак, кон нив или кон кој било друг во интервјуто, таа искажала  „потценувачки и навредлив став“, како што спинува СДСМ во партиското соопштение.

 

Пишува: Оливера Војновска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...