Контраспин: Кирацовски како Крале Марко на Косово Поле

-

Пратеникот Александар Кирацовски мотивиран од застарувањето на делото против Николa Груевски „Траекторија“ и мотивиран (дури сега?) од бегството, што и двете за него биле „луксуз“ што не смее да се дозволи, ѝ соопштува на јавноста дека ќе предложи измени на закон со кој кривични дела направени од избрани и именувани функционери нема да застарувале. Според повеќе аргументи овој предлог на Кирацовски може да се оцени како извртување на вистината, т.е. спин, во смисла на неговата остварливост пишува Теофил Блажевски во рубриката „Контраспин“ во „Вистиномер.мк“

Александар Кирацовски пратеник и функционер на СДСМ го изнесе следниот предлог, во кој препознаваме спин:

Спин: Спасувањето на Никола Груевски од кривичен прогон во случајот „Траекторија“ е токму таква ситуација, која не смее да се дозволи и да се испушти од вид, туку треба да се предвиди и превенира, особено ако се има во вид крајно корумпираното судство (со чесни исклучоци), подготвено да биде на услуга на екс политичкиот кадровик во судскиот систем.
Бегството во Унгарија и застарувањето на ова дело, (Траекторија), поради истекување на рокот од шест години, без правосилна пресуда, од јавноста се прочитани како спас на симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење, Никола Груевски, луксуз кој не смееме да си го дозволиме ни сега ниту во иднина.
Токму затоа, како пратеник во Собранието на нашата Македонија, поднесувам Предлог Закон со кој кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери нема да застаруваат.

[Извор: Фокус – Кирацовски со предлог да не застаруваат…, датум: 14.11.2019]

Контраспин:

Пратеникот Александар Кирацовски мотивиран од застарувањето на делото против Николa Груевски „Траекторија“ и мотивиран (дури сега?) од бегството, што и двете за него биле „луксуз“ што не смее да се дозволи, ѝ соопштува на јавноста дека ќе предложи измени на закон со кој кривични дела направени од избрани и именувани функционери нема да застарувале. Според повеќе аргументи овој предлог на Кирацовски може да се оцени како извртување на вистината, т.е. спин, во смисла на неговата остварливост.

Најнапред, предлогот може да биде уставно сомнителен. Граѓаните на државата, без оглед дали се избрани или именувани функционери, се рамноправни во своите права и одговорности и, што е најаважно, сите се еднакви пред законот. На тоа упатува Член 9 од Уставот:

Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Одредбите во Кривичниот законик не се или поточно не треба да бидат производ „плукни-залепи“ на политичарите, туку се одредби кои се пишуваат според правната наука и според меѓународните договори или конвенции.

Оттука, не случајно досега немало ваков предлог, иако сосема е оправдано да се заострат квалификаторните одредби за пропишаната казна за некои кривични дела, како што веќе има такви одредби за кривични дела што ги сториле овластени службени лица или адвокати, обвинители или судии кога, на пример, ја попречуваат правдата.

Но, Кирацоски, по реакциите на јавноста по застарувањето на делото за Груевски во „Траекторија“, вели не – ќе предложам воопшто да не застаруваат.

Тој, всушност, ја модификува идејата на судијката Олја Ристова која еден ден пред него се заложи за заострување на казнената полiтика во смисла да им се оттежене застарување на делото за кое се обвинети функционери по пример на Хрватска и каде тоа го извеле на начин што застарувањето почнува да тече по престанокот на мандатот на функционерот.

Но, никаде, колку што може да се сети правен експерт што го консултиравме, нема апсолутна незастареност на делото ако го сторил функционер.

Единствени дела кои не застаруваат во КЗ се крвични дела геноцид, воени злосторства и употреба на хемиски и биолошки оружја врз цивилно население, дефинирани во седум-осум члена, а опишани во член 112 од КЗ:

Кривичното гонење и извршувањето на казната не застарува за кривичните дела предвидени во членовите од 403 до 407-б и 416-а, како ни за кривични дела за кои со ратификувани меѓународни договори е предвидена незастарливост.

Овие одредби се вметнати од меѓународните правни акти какви што се Хашката или Женевската конвенција од 1949 г.Статутот од Рим на Меѓународниот кривичен суд, итн, итн.

Ова е правниот дел од приказната и тоа е едниот аргумент. Вториот аргумент е тоа што измените на овој Закон – Кривичниот, иако не бара обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието, пожелно е да има претходно и широка јавна расправа и што поголема политичка согласност кога се вметнува решение што не е формалност или кое е сосема ново.

На Кирацовски му е јасно дека до распуштањето на Парламентот е многу тешко да оствари квалитетна јавна расправа, а и да најде партнери меѓу политичките страни за вакво законско решние, со оглед дека нема ни за измените на Законот за јавно обвинителство, така што неговиот предлог и од овој аргумент погледнато, е спин и тоа предизборен. Освен ако не мисли на посебен закон, чии одредби за да бидат применливи после тоа, треба да влезат во КЗ.

Конечно, Кирацовски заборава, се чини, дека токму неговата партија подготви и донесе измени на КЗ пред Нова Година во 2018, со кои во една одредба се намалува казната од 5 на 4 години, што директно беше поврзано со обвинети во најмалку два случаја на СЈО против поранешни избрани или именувани лица. Тоа, пак, е во целосна спротивност од ова што сега како намера го претставува Кирацовски пред законот, а не помина незабележано ниту од стручната јавност.

Кога ќе се земе предвид сè погоре кажаното, но и откажувањето на СДСМ од предизборната намера за ветинг за судиите и обвинителите , „спиењето“ до последен момент за бавноста на судските постапки што ги водеше СЈО, бавноста за да се најде навремено решение за судбината на СЈО, бидејќи преговорите доцна започнаа, мистериозното исчезнуввање на барањето на Јавното обвинителство од 13 февруари годинава Собранието да ја преиспита законитоста на начелното правно мислење на Врховниот суд за постпаките на СЈО по 30.06.2017 година, и ред други дребности во поголемите или помалите афери, изјавата на Кирацовски не е ништо друго туку извртена вистина на реалноста околу ова прашање, т.е спин. Самиот тој тоа го нарекува иронично, ама правда морало да има!?

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...