Комисијата за заразни болести денеска одржа состанок на кој ја разгледа актуелната епидемиолошка состојба со појавата на заболувањето туларемија во земјава и препорача превентивни мерки. Состанокот го водеше министерот за здравство, Никола Тодоров, а беа присутни претставници од сите надлежни институции, меѓу кои Институтот за јавно здравје, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје – Скопје, Центар за јавно здравје – Велес, информираат од Министерството за здравство, пренесе „Здравство 24“ (zdravstvo24).
Комисијата донесе заклучоци во врска со преземање засилени противепидемиски мерки: Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги задолжи општините да спроведат дератизација на канализациските мрежи во градовите, со посебен фокус на: Гостивар, Тетово, Берово, Велес, Свети Николе, Струмица; Агенцијата за храна и ветеринарство да ги задолжи производителите да ја соберат жетвата од полињата, имајќи предвид дека од неа се хранат глодарите; Агенција за храна и ветеринарство веднаш да изврши хлорирање на сите приватни/селски водоводи (со посебен акцент на засегнатите подрачја – општина Лозово, Арачиново и Грушино); Агенција за храна и ветеринарство да врши редовно земање и контролирање на примероци на вода од приватните водоводи; Центрите за јавно здравје во соработка со општините да извршат итна дератизација и дезинфекција во засегнатите подрачја, во семејни куќи, дворови и околината; Агенција за храна и ветеринарство да земе материјал за испитување на присуство на туларемија кај домашните животни во засегнатите подрачја и да ги достави резултатите до Центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје; континуирано да се врши и контрола на хлорирање на водата со ниво на резидуален хлор од 0,2-0,5 милиграми на еден литар, односно континуиран надзор над исправноста на водата за пиење; Институтот за јавно здравје да подготви едукативен материјал за матичните лекари и здравствените работници и протокол за постапување со сомнителен пациент, како и едукативен материјал за населението.
Покрај ова, препорачано е да се обезбедат и континуирано да се одржуваат зоните на санитарно хигиенска заштита околу изворните подрачја за да се спречи загадување преку диви животни, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство да издаде решение за итно воспоставување на пропишаните заштитни зони околу каптажите и резервоарите на водоснабдителните објекти.
Исто така, Комисијата заклучи да се дадат препораки за превенција за населението во засегнатите подрачја: водата од селските чешми да не се пие или да се преврива пред употреба, сè до добивање на резултатите од испитувањето на водата, да се одржува личната и општата хигиена, како и да се применуваат заштитни мерки при контакт со домашни животни, се вели во соопштението од Министерството за здравство.