Папата Франциск поддржа глобален проект на полски технолошки претприемач, чија цел е да насочи што повеќе деца кон компјутерско програмирање.
Мирон Мирониук, основач на компанијата за вештачка интелигенција „Cosmose AI“ за Би-би-си вели дека иницијативата „Кодирај со Папата“ (Code with Pope) ќе ги премости „еклатантните разлики во образованието“ низ целиот свет.
Тој се надева дека учеството на Папата во проектот ќе ги привлече децата, особено од католичките земји.
„Веруваме дека вклучувањето на Папата ќе помогне да се убедат да поминат извесно време и да ја искористат оваа можност за бесплатно да научат програмирање“, вели Мирониук за Би-Би-Си.
Иницијативата ќе се залага за пристап до образование за кодирање преку бесплатна онлајн платформа за учење за ученици на возраст од 11 до 15 години низ Европа, Африка и Латинска Америка. Програмата ќе биде достапна на англиски, шпански, италијански и полски јазик.
Се очекува децата по 60 часа учење да бидат опремени со основите на програмскиот јазик „Python“ – еден од најпопуларните во светот.
Во дигиталната ера, програмските вештини станаа фундаментални како читањето и пишувањето. Податоците на Светскиот економски форум од 2023 година открија дека „повеќето од најбрзо растечките улоги се поврзани со технологијата“.
Сепак, сериозниот глобален недостиг на технолошки вештини се заканува да остави непополнети 85 милиони работни позиции до 2030 година.
Ова не е првпат Папата Франциск да ги охрабрува младите да се занимаваат со кодирање. Во 2019 тој помогна да се напише линија код за иницијатива на Обединетите нации.