Македонските производители на челик и челични производи се под сериозна закана од мерките на Европската Унија за ограничување на увозот на челични производи на европскиот пазар, информираше денеска претседателот на Здружението на металурзи при Стопанската комора, Митко Кочовски.

Тој додаде дека заштитните мерки кои ги најавува Европската Унија се резултат на ограничувањата кои претходно САД ги воведе за увоз на челични производи.

– Посебно силен одраз би имале мерките на ЕУ за заштита од увоз на одредени челични производи, како и извоз на старо железо, поради фактот што македонската челична индустрија најголемиот дел од извозот го реализира на европскиот пазар. Истото важи и за увозот на старото железо, од каде речиси комплетно се снабдува индустријата – изјави Кочовски.

По објавата на овие мерки од страна на Европската комисија, компаниите од Македонија кои извезуваат на европскиот пазар треба да пополнат прашалник преку кој ќе ја потврдат конкурентноста врз пазарни основи, односно ќе докажат дека со количините кои ги извезуваат и цените по кои продаваат, не го загрозуваат европскиот пазар.

– Извозот од Македонија учествува со 0,87 отсто во увозот во Европа, односно се извезуваат вкупно 256.000 тони производи, што никако не може да влијае на пореметување на европскиот пазар. Бараме нашите економски дипломати да укажат на последиците од воведувањето на оваа царинска заштита од ЕУ по македонската економија. Што се однесува до нас компаниите, ние ќе ги пополниме прашалниците, бидејќи нема никакви сомнежи дека со нашиот извоз ги нарушуваме пазарните цени – додаде Кочовски.

Здружението на металургија бара од надлежните министерства и од амбасадите да делуваат за македонската челична индустрија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничување на увоз на челични производи, бидејќи не е фактор што може да го загрози нивниот пазар.  Кочовски додаде дека веќе има примери за изземање од таквите мерки, на држави кои се многу поголеми извозници на челик на европскиот пазар од Македонија.

Во САД тоа може да се направи преку амбасадата на САД во Македонија или преку нашата амбасада таму, а за во ЕУ, комапниите веќе се обврзани да го пополнат прашалникот, но државата да влијае во Брисел.

– Европа дава поддршка преку различни грантови, но ако навистина сака да и помогне на економијата, треба да има сенс за овој проблем чии последици би се почувствувале за шест месеци – додаде Кочовски.

Тој објасни сè додека стапат на сила овие мерки, Европската Унија може да воведе количински или царински ограничувања, а ниту едното и ниту другото, не им оговара на македонските компании.

Штетите кои компаниите би ги претрпеле од овие мерки би чинеле околу 128 милиони евра. Но засегната би била и македонската економија, бидејќи металската индустрија учествува со 5,7 отсто во домашниот бруто-производ.

Кочовски додаде дека на почетокот на оваа година имало изгледи за заживување на пазарот, цените биле поволни, имале и нарачки со што би ги компензирале загубите во изминатите 10 години.