Неодамна, по иницијатива на јавната установа Детски културен центар – „Карпош“ во соработка со Град Скопје беше поставена нова куќичка за размена на книги на локацијата во Градскиот парк во Скопје.
Поставувањето на ваквите куќарки за размена на книги, наречени и мини улични библиотеки е поттикнато од страна на ДКЦ – „Карпош“ уште во 2019 година, кога за прв пат истите беа монтирани на три различни локации низ Скопје, Градскиот парк, паркот „Ибни Пајко“ и во дворот на Детскиот културен центар – „Карпош“.
Целта на ваквите улични куќички за книги е граѓаните на бесплатен начин да можат да позајмуваат литература или да донираат, притоа да се запознаваат со нови книги, списанија, а да се запази и кодексот на однесување и негување на книжевните материјали. Библиотеките содржат книги за различни возрасти од читателската публика, па за секого може да се пронајде по нешто. Нивниот изглед е забележлив, но нивната функција не секој може да ја препознае.
Кон почетокот на месец февруари оваа година, куќарката во Градскиот парк мораше да се замени со нова. Причината за нејзиното обновување е што претходната куќарка што се наоѓаше на истото место беше речиси целата уништена, скршена и ишарана со разни написи и графити, а во неа наместо книги до скоро можеше да се пронајде отпад.
Од воспитно образовната установа, ДКЦ – „Карпош“ за настанатата ситуација за Мета.мк велат дека токму оваа куќичка се наоѓа на најфреквентно место и потребни биле чести и итни поправки.
„Бојата на куќичките е подложна на надворешни влијанија и треба еднаш годишно да се освежи, освен во случаи ако не е ишарана со графити и недолични пораки. Уличната библиотека во градски парк е на најфреквентна локација и најчесто е на удар на оштетување. ДКЦ – „Карпош“ со поддршка на Град Скопје континуирано ја следи состојбата и доколку забележи било какво оштетување веднаш пристапуваат кон санирање“, истакнуваат од таму.
Екипата на Мета.мк пред десетина дена остави една книга во ново-поставената куќичка на старото место во Градскиот парк. По само неколку денови, забележавме дека книгата ја нема, што значи некој ја позајмил, а дополнително куќичката беше исполнета со неколку нови наслови на книги. Во новата куќичка и покрај она што ѝ се случи на старата, засега функционира главниот принцип на „Земи, прочитај, размени и врати“ наменет за овие мини библиотеки.
„На сите 3 улични библиотеки им се посветува подеднакво внимание, а чувството е прекрасно кога од далеку гледате како граѓаните ги користат. Секој може бесплатно да си земе, а и да остави книги и сè почесто наоѓаме литература која ја задоволува читателската публика од најмала возраст, па сè до литература за возрасни. Секојдневно ги обиколуваме истите и ги полниме со книги, а на наше големо задоволство веќе луѓето почнаа да ја препознаваат и поддржуваат идејата и секако да се грижат за истите. Можеме да забележиме како интересот се зголеми, а свеста на грѓаните се покачи, па затоа продолжуваме да шириме книжевна среќа“, споделуваат од ДКЦ – Карпош.
Детската јавна установа продолжува да се грижи за своите куќички за размена на книги и најавува дека следи освежување и префарбување на уличната библиотека во паркот „Ибни Пајко“.