Климатските промени доведуваат милиони луѓе до ризик од ропство и трговија со луѓе

Photo by Richmond Osei on Unsplash

Сушите и поплавите во различни региони од светот предизвикуваат милиони луѓе да ги напуштат селските средини во кои дотогаш живееле и да постанат предмет на експлоатација во градовите, пишува весникот Гардијан.

Новиот извештај на Меѓународниот институт за животна средина и развој и Anti-Slavery International открива дека климатските промени кои предизвикуваат екстремни временски непогоди, како што се суши, поплави или големи пожари, доведуваат до тоа милиони луѓе да ги напуштат своите домови во селските средини и да мигрираат во поголемите градови. Во градските средини, тие се изложени на сиромаштија и на ризик од сексуална експлоатација, трговија со луѓе и на ропство на долгови.

Истражувањето го цитира случајот со северниот дел на Гана, каде сушата ги приморала младите жени и мажи од селските средини да се преселат во градовите. Весникот Гардијан ја цитира изјавата на една млада мигрантка во главниот град Акра, која цели седум години работела тешка физичка работа, носејќи предмети на нејзината глава од една на друга локација.

„Работев бескрајно и не бев во можност да отплатам“, вели таа, додавајќи дека целата заработка од тешката физичка работа ѝ оди кај лицето кое обезбедува сместување и храна за неа.

„Нашето истражување го покажува домино ефектот на климатските промени врз животот на милиони луѓе. Екстремните временски настани придонесуваат за уништување на животната средина, принудувајќи ги луѓето да ги напуштат своите домови и правејќи ги ранливи на трговија со луѓе, експлоатација и ропство“, вели Франт Вит, советник за климатски промени и модерно ропство од Anti-Slavery International.

Светската банка проценува дека до 2050 година климатската криза ќе влијае врз приносите на земјоделските култури, недостатокот на вода и зголемувањето на нивото на морето, при што влијанието на сите нив заедно ќе принудат повеќе од 216 милиони луѓе од шест светски региони да ги напуштат своите домови.