fbpx

Ќе добие ли Србија свој Прибе за решавање на политичките тензии по изборите?

Оваа комисија што би била формирана од ЕУ треба да го обезбеди исполнувањето на условите за нови избори што би се одржале во Србија. Во опсежната анализа на Н1 се вели дека во случајот со Србија треба да се примени нешто слично што веќе беше направено во Македонија во 2015 година

-

Меѓународната заедница ќе биде клучниот фактор што во наредниот период ќе ја определи траекторијата на исходот од политичките тензии меѓу власта и опозицијата по изборите во Србија што се одржаа на 17 декември лани, пишува Н1. Опозициската коалиција „Србија против насилството“ по завршувањето на изборите побара основање на Меѓународна верификациона комисија од страна на Европскиот парламент, која ќе го следи и верификува спроведувањето на секоја препорака од меѓународната истрага за изборни нерегуларности.

Оваа комисија што би била формирана од ЕУ треба да го обезбеди исполнувањето на условите за нови избори што би се одржале во Србија. Во опсежната анализа на Н1 се вели дека во случајот со Србија треба да се примени нешто слично што веќе беше направено во Македонија во 2015 година.

Уредникот на порталот European Western Balkans, Александар Ивковиќ вели дека Европската комисија тогаш во Македонија испрати група на експерти предводени од Рајнхард Прибе, која го состави т.н. извештај на Прибе за состојбата со владеење на правото во земјата. Во овој извештај беа забележани проблемите со функционирањето на институциите, изборите, правосудството и медиумите, заедно со препораки како да се подобри состојбата.

Тој додава дека и во Македонија пред доаѓањето на комисијата претходела голема политичка криза во земјата.

„Битно е да се нагласи дека ни групата на Прибе немаше никакви овластувања во Македонија – нејзините наоди беа засновани на соработка со државните институции, кои ѝ ги дадоа информациите на располагање, заедно со состаноците со експерти, опозицијата и граѓанското општество. Оваа истрага првенствено придонесе на тој начин што проблемите ги соопшти извор со авторитет, кој ни власта не можеле лесно да го занемари“, вели Ивковиќ.

Тој вели дека ниту една институција во ЕУ официјално не го разгледала досега барањето на српската опозиција, но и додава оти Европскиот парламент има можност да основа ад-хок тела кои разгледуваат прашања поврзани со поддршката на демократијата.

„Единствениот проблем е што Европскиот парламент се распушта за некој месец и следат изборите во јуни, по што ќе трае периодот на формирање на неговите работни тела и сл., што ќе го ограничи она што може да се направи во Србија“, вели Ивковиќ.

Додава дека Србија нема формална обврска да прифати меѓународна истрага за изборните измами, но ова би можело да се прифати како политичка одлука само под внатрешен и меѓународен притисок.

Поранешниот српски премиер Зоран Живковиќ пак, во интервју за црногорскиот весник „Побједа“ вели дека со двојните гласачи што се во оптек ќе нема фер избори во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тој потенцира дека една работа е да се добие државјанство на Србија од граѓани од соседните земји, но сосема друга работа е да се доаѓа на гласање за локални избори од друга држава од страна на граѓани кои не ја знаат ниту улицата каде се наоѓа избирачкото место.

„Ова мора да се реши пред следните избори. Едно е двојно државјанство, а друго е злоупотреба на гласањето на локални избори; да гласате, а да не ја знаете улицата каде се наоѓа избирачкото место“, изјави поранешниот српски премиер Живковиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...