Каратистката Јованоска заврши деветта во натпреварувањето во кати на Олимпијадата во Токио

Фото: Фејсбук / Puleksenija Jovanoska

Каратистката Пулексенија Јованоска не успеа да ја помине првата фаза во натпреварот во кати на карате турнирот на Олимписките игри во Токио. Таа во своето деби на Олимпијадата заврши на деветтото место.

Јованоска рано изутринава настапи во првата квалификациска група и освои 23.80 поени во првото и 24 поени во второто коло, односно оствари просек од 23.90 поени, што не беше доволно за да се квалификува во следната рунда. Сепак, резултатот од второто коло е најдобриот остварен резултат на Јованоска досега.

Пулексенија Јованоска е прва македонска каратистка која настапува на Олимписките игри, а во Токио настапи со вајлд-карта.

Јовановска по борбата напиша дека е горда на себе и им се заблагодари на сите за поддршката што ѝ ја пружеле.

„Колку вредеше, сите овие години, тренинзи, пот, солзи, повреди, неправди. Презадоволна од сѐ што дадов на татамите! Привилегија е што бев дел од оваа приказна, завршив на деветтата позиција. Горда на себе за секоја секунда помината во сала сите овие години“, напиша Јованоска на својот Фејсбук профил.

Инаку, последен македонски претставник на Летните олимписки игри во Токио ќе биде борачот Магомедгаџи Нуров, кој утре настапува на турнирот во борење слободен стил.