Француската амбасада со повик за избор на волонтери за Олимписките игри во Париз 2024

Амбасадата на Франција во Скопје го објави повикот за пред-избор на кандидати за волонтери на Олимписките и Параолимписките игри што ќе се одржат во Париз во 2024 година. На повикот може да аплицираат лица од 18 и над 18-годишна возраст, кои се вклучени во спортот или во волонтерскиот сектор и кои живеат во Северна Македонија, информираат од Францускиот институт во Скопје.

Сите заинтересирани лица треба да достават апликација користејќи го приложениот формулар на француски јазик и на англиски јазик најдоцна до 20 јуни 2022 година на следнава електронска пошта[email protected]. Неопходно е познавање на англиски или француски јазик за да се влезе во процедурата за избор на волонтер.

Од Францускиот институт велат дека волонтерите ќе треба да бидат присутни на сите олимписки и параолимписки места на кои ќе се одржуваат натпреварите.

Волонтерските мисии се разновидни: присуство на терените за тренинзи и на натпревари како и во олимписките села на спортистите, при транспорт и на трибините, придружување на спортските делегации до местото на тренинзи, учество во подготовката на спортските инфраструктури, пречекување на новинарите или придружување на гледачите до местата за седење. Волонтерите немаат приход и треба ја почитуваат повелбата на волонтерот.

Постапката за избор на волонтерите од земјава за Олимписките и Параолимписките игри во Париз 2024 се состои од неколку фази. Во периодот јуни/јули 2022 година Француската амбасада ги разгледува поднесените апликации. Во август 2022 година, локален комитет го врши изборот на кандидатите, додека еден месец подоцна избраните македонски кандидатури се испраќаат до членовите на париската комисија за избор.

Во периодот од септември 2022 до јануари 2023 година, ќе следи поддршка на однапред избраните кандидати за нивната официјална кандидатура како волонтери на Игрите во Париз 2024 година (понудена е помош за административните процедури, приспособување на вредностите на Олимписките игри итн.).

Официјалниот избор на волонтери за Игрите во Париз ќе се случи во септември 2023 година.

Амбасадата и Францускиот институт во Скопје ќе им помогнат на избраните волонтери да се подготват за нивната мисија, а како примери ги наведуваат часовите по француски јазик и поддршката при изнаоѓање спонзори.