Канадската влада ги повлекува рекламите од Инстаграм и од Фејсбук

Властите во Канада рекоа дека стојат зад законот и дека „нема да бидат заплашени од Мета“. Тврдат дека биле во контакт со други земји кои планираат да донесат слични закони

фото: ROBIN WORRALL на Unsplash

Канадската федерална влада соопшти дека ќе ги повлече сите свои реклами од социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. Најавата следува по потегот на компанијата „Мета“, во чија сопственост се платформите, да ги ограничи содржините со вести за Канаѓаните. На овој чекор, пак, „Мета“ се одлучи откако парламентот во Канада усвои закон што ќе ги принуди технолошките фирми да им плаќаат на медиумите за објавата на вести.

Како што пренесува Би-би-си, канадските власти вчера рекоа дека стојат зад законот и дека „нема да бидат заплашени од Мета“. Тие тврдат дека биле во контакт со други земји кои планираат да донесат слични закони, меѓу кои и Велика Британија, Индонезија и Бразил.

Новиот закон во Канада предвидува големите платформи како Фејсбук да ги компензираат издавачите на вести – медиумите за содржините што ги објавуваат на социјалните мрежи.

„Мета“ претходно го нарече канадскиот закон „фундаментално погрешно законодавство што ја игнорира реалноста за тоа како функционираат платформите“. Од таму рекоа дека линковите и вестите не биле причина зошто огромно мнозинство луѓе ги користат социјалните мрежи.

И Гугл најави блокирање на вестите во Канада како одговор на таканаречениот Закон за онлајн вести кој треба да стапи на сила за околу шест месеци.

Канадскиот министер за наследство, Пабло Родригез вели дека се надева на успешни преговори со матичната компанија на Гугл – „Алфабет“, но и дека „Мета“ не соработува со властите во земјата на ист начин.

Родригез очекува запирањето на владиното рекламирање на социјалните мрежи на „Мета“ да ги инспирира и канадските компании да го сторат истото.

Медиумските компании „Квебекор“ и „Когеко“ исто така соопштија дека престануваат со рекламирање на платформите.

Премиерот на Канада, Џастин Трудо, вчера изјави оти верува дека неговата земја станала глобален тест за слични закони.

Сличен закон во Австралија во 2021 година го натера Фејсбук да ги блокира вестите на својата платформа за австралиските граѓани. Пристапот до информативните содржини беше вратен откако разговорите меѓу компанијата и властите во земјата резултираа со амандмани на законот.

Анализата на нацрт-законот покажала дека медиумските организации би можеле да добиваат околу 329 милиони канадски долари годишно од социјалните мрежи.

Инстаграм и Фејсбук ќе го ограничат пристапот до вести за Канаѓаните