Kaмпања „Ние сме Европа“: Младите се прогресивната сила за европската иднина на државата

„Eвропските фондови ни се достапни, нормално со одредени ограничувања. Замислете како ќе биде кога ќе станеме дел од тоа семејство“, им рекол Шаќири на младите Тетовчани

Фото: СЕП

На трибината во Тетово, синоќа, предводникот на кампањата „Ние сме Европа“, заменикот претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ ја истакна клучната улога на младите во креирањето европска иднина за С. Македонија. На настанот свои обраќања имале и министрите Азир Али и Јетон Шаќири, а учествувале и амбасадорот на Република Италија и претставничката на невладиниот сектор Пранвера Касами од институтот за лидерство и јавна политика.

„Токму заради младите, мораме да го направиме финалниот исчекор. Повикувам да ја потврдиме нашата мнозинска одлука за нашиот нов голем чекор за членство во Унијата, затоа што младите бараат да го фатиме чекорот со времето и да извлечеме максимум од шансата која пред нас ја создава геополитичкиот момент во кој се наоѓаме. Младите луѓе, се тие кои во најголем број ја препознаат ЕУ како стабилен и посакуван партнер и за тоа државата, и сите ние, имаме обврска да им бидеме партнер во обезбедувањето перспектива и европска иднина“, рекол тој во своето обраќање.

Шаќири, пак, кажал дека во сето ова што го прави, има поддршка од надворешни партнери, особено од Европската унија.

„Фондовите се достапни и за нас како држава, нормално со одредени ограничувања. Сега, замислете како ќе биде кога ќе станеме дел од тоа семејство. Тогаш помошта и поддршката нема да ги имаат ограничувањата што денес постојат, така што развојот на државата ќе биде значително забрзан“, рекол Шаќири.

Алиу пак, кажал дека имал чест да работи со младите, како универзитетски професор.

„И тие веруваат дека „Ние сме Европа“. Младите се чувствуваат како европјани, знаат неколку јазици, знаат да размислуваат критички и се креативни“, рекол Алиу.