ЈП Дрисла одбива да го потпише записникот за загадувањето на Маркова река

ЈП Дрисла Скопје се соочува со казна од 110 илјади до 120 илјади евра, а управителот со казна до 6 илјади евра. Оваа казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на 4 септември, по дојава на граѓани од селото Батинци, за загадување на Маркова река во претпладневните часови

Фото: Порталб.мк

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против ЈП Дрисла Скопје и против управителот пред Основниот кривичен суд во Скопје, затоа што од претпријатието одбиваат да го потпишат Записникот за спогодба, по извршениот вонреден надзор, информираа од Владата.

Инаку, ЈП Дрисла Скопје се соочува со казна од 110 илјади до 120 илјади евра, а управителот со казна до 6 илјади евра. Оваа казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на 4 септември, по дојава на граѓани од селото Батинци, за загадување на Маркова река во претпладневните часови.

„При вонредниот надзор, визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова река со темно кафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис“, се велеше во извештајот на инспекторатот.

Според ДИЖС, истиот ден, од страна на акредитирана лабораторија за животна средина ЕУРОМАК КОНТРОЛ Скопје земени биле мостри од три места за анализа на водите од Маркова река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци.

Наодите од визуелниот надзор и резултатите од акредитираната лабораторија која ги анализирала земени мостри, утврдиле дека има концентрации на загадувачки супстанци над дозволените гранични вредности и дека истите потекнуваат од исцедокот од депонијата.

„Заштитата на животната средина е еден од врвните приоритети на Владата и ја поддржуваме секоја акција во насока на заштита на природата и животите на нашите граѓани. Наша цврста определба е примена на европските стандарди во сите сфери на општеството, вклучувајќи ја и животната средина, за што сведочи и нашето делување со конкретни активности во правец на овозможување на чиста животна средина и зачувување на природниот екосистем“, велат од Владата.

Депонијата „Дрисла“ може да ја казнат до 120.000 евра за загадувањето на Маркова Река