Депонијата „Дрисла“ може да ја казнат до 120.000 евра за загадувањето на Маркова Река

Од ДИЖС визуелно утврдиле дека има загадување на Маркова река со темно-кафеава течност, при што надзорот не почувствувал мирис

Исцедокот од депонијата Дрисла; Фото: Архива на Мета.мк

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) објавија дека против депонијата „Дрисла“ ќе добие прекршочна санкција поради загадувањето на водите на Маркова Река. Ова е епилогот на вонредниот инспекциски надзор направен на 4 септември годинава на барање на здружението „Младите од Батинци“, коишто веќе протестираа пред скопската депонија.

Од ДИЖС визуелно утврдиле дека има загадување на Маркова Река со темно-кафеава течност, при што надзорот не почувствувал мирис. Истиот ден од акредитирана лабораторија „Еуромак Контрол“ од Скопје биле земени мостри од три места за анализа на водите од Маркова Река, заедно со уште една дополнителна мостра која била доставена од граѓаните на Батинци.

Лабораториските испитувања покажале дека дел од параметрите се во границите на максимално дозволените концентрации, додека некои параметри биле над дозволеното и не се во согласност со Правилникот за условите, начинот и граничните вредности на емисија за испуштањето на отпадните води по нивното прочистување, велат од ДИЖС.

„Согласно Законот за животна средина од страна на инспекторот се преземени дејствија согласно утврдените прекршувања на законските одредби. На правното лице понудена е Постапка за спогодување за сторен прекршок кој е казнив согласно Законот за животната средина – член 212-ж став (1) точка 1 во врска со член 20, (Трета Категорија прекршок за кој за средни трговци санкцијата изнесува 110.000 120.000 евра во мкд противвредност). Доколку записникот за спогодување не биде потпишан од страна на одговорното лице согласно регулативата целиот предмет на 25.9 ќе биде предаден на Суд, Скопје и ќе се бара санкција за правното и одговорното лице во правното лице“, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

Пожар имало, но не и намерно загадување на воздухот

ДИЖС при вонредниот инспекциски надзор констатирале дека ЈП „Дрисла“ имала извршено мерење на емисиите на воздух од емисиите на отпадните гасови што биле испуштени од печката за согорување на опасен отпад, а сите измерени параметри биле во дозволените граници.

„Печката која се користи повремено за горење и согорување на отпад (ДИЖС има издадено забрана за користење на печката во континуитет) е опремена со воден филтер (скрубер). На увид се доставени и Месечни извештаи за согорени и автоклавирани количини на медицински, фармацевтски и друг вид на отпад за месеците јуни, јули и август. Постројката за автоклавирање на медицински отпад е во редовен работен процес, а автоклавираниот отпад по третманот се класифицира како комунален отпад и се депонира во депонијата“, објавија од ДИЖС.

Од Инспекторатот додаваат дека опожарувањето на депонијата на делот каде што се складирал индустриски отпаден текстил и скај утрото во 4:30 часот на 5 септември годинава, одговорните лица за животна средина од ЈП Дрисла и телефонски и по е-пошта, согласно А – Интегрираната Еколошка Дозвола уредно, го известиле ДИЖС за настанатиот пожар и веднаш пристапиле кон гаснење на пожарот, припомогнати и од Противпожарната единица на Градот Скопје. Екипа на МВР извршила увид, по изјава на одговорното лице дека се работи за можно подметнување на пожарот.