Јован Јосифовски и STEAM ROOM на Викендот на гордоста 2023

STEAM ROOM, dragON forever, Photo by Nataliya Sidorenko

Во рамки на единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје, денеска и утре ќе се одржат уште два уметнички настана.

Во КПЦ „Центар – Јадро“ вечерва во 21 часот ќе се отвори самостојната изложба „Еластично насилство“ на Јован Јосифовски, која нуди поинаква перспектива на чинот и последиците и асоцијацијата на семејното и физичкото насилство врз квир мажите кај кои изразувањето на сексуалната ориентација и ненормативниот родов израз се видливи уште од рана возраст.

Како референца во своите дела, Јосифовски ги користи насилните ситуации кои датираат од неговото детство. Тој е дипломиран графичар кој главно работи со колажи, цртежи и практики на архивирање. Неговите колоритни и директни колажи обработуваат политички, религиски теми, и целат кон провокација и протест.

Веќе следниот ден, односно утре со почеток во 21 часот, во Музејот на современа уметност ќе се одржи dragON forever – третиот и последен дел од кореографската трилогија dragON на STEAM ROOM. dragON forever претставува концепт за вечноста. Во dragON forever, музиката е моторот врз основа на кој изведувачите танцуваат кореографиран простор со огромно кинетичко влијание.

STEAM ROOM е уметнички тим што твори во областа на кореографијата и танцот, основан од Александар Георгиев-Аце, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас, тројца кореографи/танчари активни на локалната и на меѓународната сцена.