Извештај на ЕК: Невработеноста останува најголем проблем за младите [инфографик]

Младите сè уште се соочуваат со препреки при влез на пазарот на трудот. И покрај тоа што таму има подобрувања, и понатаму се присутни структурните проблеми

Фото: Мета.мк

Според Извештајот на Европската Комисија за 2023 година за напредокот на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција, невработеноста е еден од најзначајните проблеми со кои се соочуваат младите во земјава.

Порталб.мк го анализираше Извештајот кој констатира дека препораките од минатата година се делумно имплементирани и наведува дека „во наредната година особено треба да продолжи имплементацијата на Младинската гаранција, како и мерките за активирање на ранливите групи и создавањето на системи за правилна евалуација на мерките“.

 

Младите сè уште се соочуваат со препреки при влез на пазарот на трудот. И покрај тоа што таму има подобрувања, и понатаму се присутни структурните проблеми. Се нагласува дека во 2022 година Владата усвоила нов план на имплементација за зајакнување на Младинската гаранција, која е на сила од 2018 година и која придонела за значително намалување на невработеноста кај младите.

„Вработеноста кај младите (на возраст од 15-24 години) остана на 18,3%, а невработеноста кај младите се намали на 31,8% во 2022 година, наспроти 34,9% во 2021 година. Главна мерка за справување со невработеноста кај младите останува шемата на Младинската гаранција “, се нагласува во Извештајот.

Во март годинава властите усвоиле нов план за имплементација на Младинската гаранција 2023-2026 година, а шемата за Младинска гаранција била успешно имплементирана низ целата земја.

„Во 2022 година во шемата учествуваа повеќе од 20.000 млади луѓе, при што 43% од нив успешно најдоа можност за вработување или обука. Во шемата учествувале 969 Роми, од кои 148 нашле работа“, се наведува во Извештајот.

Од Младинската гаранција поддржана од ЕУ имаа корист над 9.400 млади луѓе во регионите кои се соочуваа со невработеност.

„Зајакнатата шема на Младинската гаранција во моментов не е доволно мониторирана и оценувана“, се наведува во извештајот.

Меѓу другото, се нотира дека се регистрирани случаи на дискриминација и полициска бруталност врз основа на ромската етничка припадност, особено врз младите Роми. Развиена била и Националната стратегија за млади за 2023-2027 година, но сè уште не е усвоена.

Според извештајот на ЕК, Националната агенција за Еразмус организирала и поддржала повеќе од 100 активности и настани наменети за младите луѓе, при што бројот на учесници во финансираните проекти за младинска размена бил 465 во 2022 година, наспроти 294 во 2020 година.

Меѓупартиските собраниски групи за младите успешно реализирале бројни активности во тесна соработка со релевантните граѓански организации. Се спомнува и Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој за прв пат во регионот се одржа во Тирана во декември 2022 година, каде се истакнала соработката со младите.

Во извештајот се наведува и дека нашата земјата со Турција потпишала меморандум за соработка во областа на младината. Според извештајот, Северна Македонија ја продолжила својата активна соработка со меѓународните организации, и се истакнува дека нејзините приоритети во ОН се во согласност со важните приоритети на ЕУ, вклучително и зајакнувањето на улогата на младите.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во нејзиниот пат кон европската интеграција беше објавен на 8 ноември 2023. Ситуацијата со борбата против корупцијата во земјава беше оценета како без никаков напредок. Kорупцијата и понатаму е многу распространета во многу области. Целосниот извештај можете да го прочитате ТУКА.