Издавањето учебници е комплексно, велат од МОН за учебникот кој стаса пред крајот на училишната година

Од МОН тврдат дека претходно имало три неуспешни јавни повици за пријавување на автори за изработка на учебник по македонски јазик за 5-то одделение, објавени минатата 2022 година во март, јуни и јули. Дури во четвртиот обид, во август, се пријавил авторски тим кој доставил предлог ракопис

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) се огласи по повод последните случувања кои предизвикаа реакции во јавноста, кога на две недели пред крајот на учебната година, стаса новиот учебник по македонски јазик за петто одделение.

Од Министерството тврдат дека претходно имало три неуспешни јавни повици за пријавување на автори за изработка на учебник по македонски јазик за 5-то одделение, објавени минатата 2022 година во март, јуни и јули. Дури во четвртиот обид, велат од МОН, во месец август се пријавил авторски тим кој доставил предлог ракопис.

„Истиот, подоцна два пати беше вратен на корекција од страна на Бирото за развој на образованието, заради усогласување на сите предложени содржини со новата наставна програма за соодветниот предмет. По неговото конечно одобрување од страна на Националната комисија за учебници, склучувањето на договор со авторите за пренесување на авторските права во април годинава, учебникот графички се уредуваше, по што е пуштен на печатење и дистрибуција до училиштата која заврши деновиве“, велат од Министерството за образование, и додаваат дека ги разбираат реакциите на дел од јавноста дека учебникот е испорачан пред крајот на учебната година.

„Треба да се знаат и сите овие информации поврзани со постапката за негова изработка, одобрување, печатење и дистрибуција. Станува збор за комплексен процес кој се спроведува за секој нов учебник, согласно Законот за учебници во основното и средното образование и чие времетраење зависи од повеќе фактори“, велат од МОН.

Оттаму додаваат дека има случаи за одреден предмет да нема интерес за доставување ракописи (предлог учебници) од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повторува, како во овој случај, со учебникот по македонски јазик за петто одделение кој се повторил дури четири пати. Се случува, велат од МОН, и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем, додаваат од министерството, настанува и кога нема рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите.

Вчера, наставници по одделенска настава со кои поразговаравме рекоа дека изминатава учебна година при наставата по македонски јазик импровизирале, односно учениците учеле од копии од стариот учебник, но и од материјали од Интернет. Врз основа на тоа, ги тестирале и оценувале учениците.