fbpx

Иванов: Се однесувавме неодговорно, Македонија е одново пред пресвртница

-

„Иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сè уште е политички длабоко поделена“, рече претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во своето обраќање од Мечкин Камен, во Крушево, по повод 2 Август – Денот на Републиката, истакнувајќи дека „Македонија одново се наоѓа пред пресвртница“.

– Нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени е повикот за единство за остварување повисока цел. За илинденците, таа повисока цел била слободата. За асномците, тоа била државноста. За нас, тоа беше независноста и сувереноста. А за нашите деца, за младите, тоа е напредокот и благосостојбата на европска Република Македонија. Но, денес се однесуваме како да ја заборавивме лекцијата што толку скапо нè чинеше. Како да заборавивме дека сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети – рече Иванов.

Тој посочи дека разединетоста е „последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции“, која, како што рече Иванов, довела до тоа „за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната“.

Иванов истакна дека поради предолгото отсуство на политички дијалог „постоеше сериозна опасност да ја испуштиме од рака европската перспектива“.

– Повеќе од 80 проценти од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно, тие значат мир – посочи Иванов, додавајќи дека македонските граѓани од своите претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија.

Тој изрази благодарност за ангажманот на Европската унија (ЕУ) и на Соединетите Американски Држави (САД) во решавањето на политичката криза, нагласувајќи дека „нивните препораки мора да се сфатат сериозно“ и ги повика политичките партии да го испочитуваат постигнатиот договор.

– Тажно е што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас. Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста. Политичката криза нè потсети на нашите стратегиски цели. Но, нè потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно – рече Иванов.

Претседателот на државата повика дека е „крајно време“ да добиеме датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, „а прашањето за името да го остави како 35. поглавје во преговорите“.

– Крајно време е НАТО да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ни ја врачи одамна заслужената покана за членство – рече Иванов.

Тој истакна дека случувањата во Куманово од 9 мај, како и проблемот со мигрантите ја наметнале потребата од реформи во одбраната и во безбедноста.

– Како што Куманово нè потсети дека мора да го чуваме соживотот, така, мигрантите нè потсетија дека живееме на коридор. Затоа, како претседател и како врховен командант вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и на одбраната. Неопходна е и дополнителна соработка меѓу овие важни институции, како и поголема транспарентност и цивилна контрола низ Собранието. Бидејќи, сувереноста на државата се чува на границата – рече Иванов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.