„Ја поздравувам покажаната свест и волја од политичките лидери за надминување на отворените прашања. За поздравување е фактот што изминатиот период лидерите на политичките партии меѓусебно разговараат и бараат начини за надминување на актуелната политичка состојба во Република Македонија“, се наведува во соопштението на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по вчерашните преговори во Скопје помеѓу лидерите на политичките партии.
„Постои оптимизам за надминување на актуелната политичка криза во Македонија. Ги повикувам сите учесници во политичкиот дијалог во следниот период да се однесуваат разумно и одговорно. Очекувам од нив посветен, одговорен и доследен пристап кон дијалогот за да се врати политичката стабилност во Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија очекуваат политичка зрелост и подготвеност за институционално решавање на сите предизвици, во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија. Граѓаните очекуваат резултати и одржливи решенија. Тоа го очекувам и јас. Сите треба да постапуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државата, Република Македонија. Вклученоста на Европската унија во овие разговори недвосмислено покажа дека европската и евроатланската агенда на Република Македонија е главен приоритет во државата. Приоритет кој ги обврзува политичките лидери да работат за достигнување на европските критериуми, стандарди и принципи. Граѓаните на Република Македонија го очекуваат тоа од лидерите на политичките партии. Тоа е нивна исклучителна обврска кон граѓаните“, стои во соопштението.