Иван Георгиев: Во Бугарија речиси и нема борба против дезинформациите

Бугарија има длабоки историски и културни врски со Русија. Токму затоа руската пропаганда на неа гледа како на слаба точка на европската мапа. Затоа и се случува да се појавуваат наслови како „Норвешките педофили сакаат бугарски деца“ или „Европа го забранува православието“.

Иван Георгиев е водител и репортер на една од најголемите телевизии во Бугарија, бТВ. Во последните неколку години известувал и имал емисии за некои од водечките настани во регионот, од тоа во значителен обем и во Македонија, како и во светот. Дипломирал новинарство на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ и добитник е на бројни новинарски награди – меѓу нив и Националната голема награда за истражувачко новинарство, доделена од  Фондацијата „Радостина Констатинова“, а бил во студиски престој во САД во организација на Светскиот институт за медиуми (World Press Institute).

Разговаравме со Георгиев за дезинформациите и медиумските манипулации во Бугарија и пошироко, со посебен акцент на тоа колку Македонија е мета на овој вид злонамерни содржини.

Кои се најбројните медиумски манипулации и дезинформации во Бугарија?

– Веројатно најпрвин треба да зборуваме за главните типови на лажни вести што се пласираат во јавноста во Бугарија. Подетален поглед на проблемот јасно ќе покаже два главни наратива – едниот насочен против Западот (против ЕУ, НАТО, САД и западните вредности воопшто). А вториот тип се лажни вести насочени против локални бугарски независни медиуми и новинари, политичари од опозицијата, „непокорни“ бизнисмени, интелектуалци и сите други што се осмелиле да го критикуваат политичкиот статус кво во земјата. Нив честопати ги нарекуваат „агенти на Сорос“, „хомосексуалци“, „предавници“, „поддржувачи на антибугарските и антихристијанските заговори“, итн. Со други зборови, овој наратив е само за домашна употреба.

Без да претендирам кон некаква научна анализа на лажните вести во Бугарија, како активен новинар и консумент на локалните вести, би рекол дека првиот тип погрешно информирање со зла намера е поприсутен тука. И има јасна причина зошто е така. Кога зборувам со млади новинари или студенти по новинарство, честопати поставувам едно прашање: „Дали знаете кој е акумулираниот буџет за одбрана на НАТО алијансата? Имајте предвид дека Бугарија е членка на НАТО“. Во 2017 година, тој бил 946 милијарди американски долари (извор: Мајкл Кофман, Center for Naval Analyses, 2017). „А дали имате сознание колкав бил буџетот за одбрана на Руската Федерација во истиот период?“ Тој изнесува 47,7 милијарди американски долари.

Доколку не можете да победите во конвенционален судир – со пушки, авиони, тенкови, итн. – сосема е логично да ја пренасочите акцијата на полето на таканаречената „хибридна војна“, како што ја нарекуваме – односно, лажните вести и контролирањето на тековите на информациите се најефикасните оружја во оваа војна. Контролата врз медиумите исто така. Како и контролирањето на довербата на граѓаните во медиумите.

Бугарија е држава на границата меѓу Западот и Истокот. И иако мнозинството граѓани се изјаснуваат „за ЕУ“ и „за НАТО“ и „за западните вредности“, нашата земја има длабоки историски и културни врски со Русија. Токму затоа таа од страна на руската пропаганда се гледа како слаба точка на европската мапа. Затоа и се случува да се појавуваат наслови, кои генерално се од следниот вид „Норвешките педофили сакаат бугарски деца“ или „Европа го забранува православието“.

Дали Бугарија има план за борба против дезинформации и колку тој е активен?

– Во ЕУ има неколку заеднички иницијативи, како и неколку европски платформи, коишто се обидуваат да допрат до локалните консументи на вести, но јас би рекол дека нивните резултати се минимални или и ги нема. Дури и да има вистински, специфичен план за борба против лажните вести и дезинформациите во Бугарија, јас не сум чул за таков. Дополнително, сметам дека нема доволно политичка волја за справување со овој проблем, оти, прво, политичарите на власт и бизнисите поврзани со нив имаат голема придобивка од сите негативни кампањи против независните гласови во земјата.

Има ли осудителни пресуди за ширење на лажни вести или за говор на омраза?

– Имаше неколку случаи на истраги и дури едно или две обвиненија, но не и правосилни пресуди. За вашите читатели можеби ќе биде интересно да прочитаат дека во мај 2018 година, пратеникот од најголемата опозициска партија во моментот, Таско Ерменков, дојде во центарот на вниманието на јавноста бидејќи преку неговиот Фејсбук-профил ги ширеше гласините дека водата во главниот град, Софија, е затруена и дека граѓаните не треба да ја пијат. Обвинителството одби да почне истрага и да поднесе обвинение против него.

Дали медиумските здруженија се активни во борбата против дезинформациите?

– Мислам дека тоа е повеќе на збор, отколку преточено во вистинска акција.

Како е застапена Македонија во медиумите на бугарски јазик?

– Како репортер во информативната програма на најголемиот и нагледаниот медиум во Бугарија, јас ја покривам Македонија во изминатите 10 години и мислам дека тековните политички и социјални процеси во Македонија се многу интересни за бугарската јавност. Бугарите се навистина љубопитни за Македонија и Македонците. Историската врска создава јасна емоционална врска. И локалните медиуми го сфатија тој факт. Тоа е причината Македонија да биде често присутна во информативниот простор во Бугарија – со видео прилози и јавувања во живо, како и преку сериозни ТВ документарци, статии во онлајн-медиумите, во весниците и во другите форми на современи медиуми. Секој втор ден има вести и извештаи посветени на Македонија. Тоа според моето искуство, не е случај и во покривањето на Бугарија од македонските медиуми – тие ретко го прават тоа.

Сепак, според мене, квалитетот на извештаите од Македонија значително се подобри во изминатите 10 години и стана посеопфатен и попродлабочен. Прво, новинарите кои покриваат теми во Македонија, имаат многу подобра поткованост и, соодветно на тоа, разбирање на политичките и социјалните процеси во земјата. Локалните македонски власти исто така се отворија за странските медиуми повеќе отколку во времето кога премиер беше Никола Груевски, на пример. Исто така, Македонците очигледно се навикнаа на странските медиумски екипи што снимаат на улиците во Скопје. Пред 10 години тоа беше егзотична глетка. Тоа исто така дополнително го олеснува работењето на бугарските медиуми на македонска територија.

Дали често се објавуваат дезинформации за Македонија и кои се најчестите?

– Не би рекол дека тоа се случува често. Всушност, можам да се сетам само на неколку лажни вести сврзани со Македонија кои во последно време се најдоа во бугарските медиуми. Главната и најблатантната беше таа што првин беше објавена од македонски медиуми и потоа пренесена од бугарските, кои не се обидоа да ги проверат фактите – тоа беше пролетта 2016 година, кога македонските медиуми објавија информација дека една бугарска туристка наводно усмртила лебед грабнувајќи го за крилото за да направи селфи. Тоа беше пренесено не само во Бугарија, туку и во Велика Британија, за што исто така се пишуваше во некои медиуми во Бугарија. Подоцна дознавме дека туристката не била Бугарка, туку Албанка и дека лебедот не бил усмртен. Животното било повредено и, за среќа, набргу закрепнало.

За оние од нас што спроведуваат внимателна анализа на содржините во македонските медиуми, тоа беше само еден пример за долгорочниот тренд за негативно известување за Бугарија во Македонија. Беше, но и сега во извесна мерка е, тешко да се најде позитивна вест од Бугарија (или поврзана со Бугарија) во македонските медиуми. Оваа претежно негативна слика на соседите беше дел од македонската политичка доктрина долга низа години. Нејзината кулминација се случи во времето кога стана јасно дека ќе бидеме сведоци на значителни политички промени во Македонија, пред отприлика три години. Одредени бугарски медиуми опсежно го покриваа тн „новинар“ Миленко Неделковски и некои негови постапки во врска со споменикот во Македонија кој е дел од бугарското наследство, без да ја земат предвид (или едноставно ја игнорираа) неговата поврзаност со македонската влада и нејзиниот челник. На оние од нас што знаеја повеќе за Неделковски, неговата професионална репутација и неговото постапување кон политичките противници, новинарите и независните интелектуалци во Македонија, ни беше јасно дека би било погрешно да се стави знак на равенство меѓу него и македонското новинарство.

Дополнително, знам дека дека има нова генерација истражувачки новинари што се појавуваат во Македонија, чија работа и напори во ова поле мора да се респектираат.