Утре во 14 часот во ЕУ Инфо Центарот ќе се презентира истражувањето “Мониторинг на странското влијание врз медиумските содржини во процесот на пристапување на Македонија кон НАТО/ЕУ”.

Во истражувањето генерално се констатира дека „странското политичко влијание беше од најголем обем во последните неколку години“.

„Во последните неколку години во Република Македонија беше забележан зголемен директен странски интерес поради најавите за засилени активности за придвижување на евроатлантските интеграции на земјата. Ваквиот интерес придонесе за менување на општата ситуација во земјата. Од една страна, влијанието на западно-европските држави и САД кое доминираше во целокупниот процес … а се забележа и зголемен интерес на Руската Федерација за активностите на тоа поле, со намера за забавување на интеграциите“, сметаат авторите, м-р Лилјана Пецова Илиеска и д-р Кире Бабаноски.

На настанот, покрај авторите, ќе говорат проф. д-р Стево Пендаровски, национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО ( за процесот на интегрирањето на Македонија во НАТО) и Младен Чадиковски, претседателот на Здружение на новинари на Македонија (за професионалното новинарство и медиумите како значаен фактор во севкупните реформи во Македонија).

Истражувањето е поддржано од College of Europe, The German Marshall Fund of the United States, The Black Sea Trust for Regional Cooperation, The Balkan Trust for Democracy, Polish-American Freedom Foundation, Fundacja Liderzy Przemian, Erasmus+ Programme of the European Union.