Денеска истекува првиот рок од 18 месеци за поднесување обвиненија од страна на Специјалното јавно обвинителство, односно за предметите што тоа ги презеде од Основното јавно обвинителство на 4 декември 2015 година, со што останува енигма што ќе се случува со овие случаи.

На 30 јуни, пак, истекува и рокот за поднесување обвиненија за случаите што произлегуваат од прислушуваните материјали кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му ги предаде на СЈО на 30 декември истата година.

Прашани за ваквата ситуација и за очекувањата во иднина, од СЈО за „Мета“ најавија дека својот став и коментар по овие прашања ќе го кажат во текот на утрешниот ден.

Една од можностите за продолжување на рокот за поднесување обвиненија е Уставниот суд да го укине челнот 22 од Законот за Специјално јавно обвинителство, каде е пропишано ваквото ограничување. Уставниот суд, според експертите, може да се повика на тоа што со овој рок СЈО е ставено во нерамноправна положба во однос на другите обвинителства, чии рокови за спроведување истраги и за поднесување обвиненија се регулирани со Законот за кривична постапка.

Сепак, според она што е познато во јавноста, досега до Уставниот суд не е поднесена ваква иницијатива.

Следната седница на судот е закажан за среда, на која на дневен ред се иницијативи од помал интерес за јавноста. На дневен ред на Уставниот суд досега не се најде иницијативата за укинување на Специјалното јавно обвинителство, односно за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за СЈО, иако беше поднесена пред една и пол година.

Продолжувањето на мандатот, односно рокот на СЈО за поднесување обвиненија, беше еден од главните приоритети на партиите на сегашната владина коалиција на чело со СДСМ. Сепак, во последниот месец ова прашања исчезна од наративот на партиите, но и од пораките на претставниците на меѓународната заедница. Единствено германското МНР, во честитката за формирањето на новата влада, како една од итните задачи на новата влада, го наведе зајакнувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство. Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е категорично против продолжувањето на рокот, со образложение дека СЈО работи под директива на СДСМ.

Новиот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во своето експозе за состав на новата влада, истакна дека ќе биде формирано „специјално одделение во Основниот суд Скопје 1, во чијашто надлежност ќе бидат предметите што ги поведе Специјалното јавно обвинителство“, но беше нејасен околу прашањето за продолжувањето на мандатот на СЈО.

– Ќе направиме сè што е во наша моќ да овозможиме институционално и целосно заокружување на случаите што сега ги води Специјалното јавно обвинителство – рече Заев, кој веднаш по изборот на новата влада, побара оставка од државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски.

Специјалната јавна обвинителка на последната прес-конференција на 22 мај побара од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за СЈО.

– Имајќи предвид дека ова јавно обвинителство покажа дека е на вистинскиот пат кон ефикасно справување со криминалот што спаѓа во негова надлежност, а за во полн капацитет да ја покаже истрајноста во борбата против криминалот и неправдата, бараме новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за ова јавно обвинителство, што ќе овозможи ова јавно обвинителство докрај да ги истражи кривичните дела содржани во доставените разговори од незаконски следените комуникации – рече Јанева и додаде дека СЈО „ќе продолжи со работа сè дури не ги истражи сите разговори што ги поседува, а за докрај да го исполни мандатот (од пет години) кој му е доделен“.

Инаку, на 4 декември 2015 година Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство на СЈО му предадоа 31 предмет од незаконското прислушување, а Јанева и нејзиниот тим добија и случаи од обвинителствата во Битола и во Куманово. На 15 декември 2015 година, специјалната јавна обвинителка соопшти дека СЈО е надлежно и ќе работи по 34 предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“. На 30 декември 2015 година, пак, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на СЈО му ги предаде сите материјали, снимки и транскрипти од „бомбите“.