Турските вооружени сили соопштија дека изгубиле контакт со двајца војници кои учествуваат во операцијата „Штит Еуфрат“ во Северна Сирија. Исламска држава презеде одговорност за нивното киднапирање.
Како што се наведува во соопштението на турските вооружени сили, контактот со војниците бил изгубен во вторникот, околу 15.30 часот, а потрагата по нив е во тек. Во соопштението не се спомнува локацијата на која исчезнале војниците или евентуално киднапирање.
Новинската агенција на Исламска држава „Амак“, пак, соопшти дека припадниците на организацијата заробиле двајца турски војници во близина на селото Ал Дани, северозападно од градот Ал Баб во Северна Сирија.
Во соопштението на Сириската опсерваторија за човекови права, чие седиште се наоѓа во Велика Британија, исто така се наведува дека инцидентот се случил во Ал Дани, но не се спомнуваат припадници на ИД.
Турскиот премиер Бинали Јилдрим за ситуацијата го известил началникот на генералштабот на турската војска, Халуси Акар.