Инвестициите во зелени компании се клучни во борбата со климатските промени

Фото: Vasco Figueira на Unsplash

Инвестициите во енергетска ефикасност, поточно во соларна централа, со која не само што ги задоволуваат сопствените потреби за електрична енергија, туку и продаваат вишок во системот, ја прави печатницата „Пропоинт“ како сто отсто зелена компанија. Таа е пример како само една македонска компанија со вистински инвестиции може да придонесе за намалување на влијанијата на климатските промени, заштеда на енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Примерот на „Пропоинт“ беше споделен на втората по ред онлајн конференција во рамките на настанот „Возможно Е“, со наслов „Зелено закрепнување – #ВозможноE да се вклучи приватниот сектор во активностите за справување со климатските промени“, на која се дискутираше како климатските активности може да придонесат за зелено закрепнување од ковид-19, која е улогата на приватниот сектор во климатските акции и кои се предизвиците со кои се соочуваат тие.

„Пропоинт“ е еден од примерите за зелени инвестиции во земјава, кои во последните години даваат свој придонес за ублажување на последиците од промената на климата. Компанијата, според сопственикот Филип Христов, со соларната централа со капацитет од 425 киловат часови произведува околу 500 MWh електрична енергија, со што на годишно ниво заштедува емисии на 470 тони јаглерод диоксид.

„Освен инвестицијата во производството на енергија од обновливи извори, проект кој се реализираше во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, со што се покриваат потребите на подготовката на процесот за работа, печатењето и дистрибуцијата, компанијата инвестираше и во штедливо лед осветлување во целиот објект како и во термо фасада. На тој начин ја намаливме сезоната за греење и ладење за по еден месец во годината, а со тоа допринесовме за заштеда на енергија и подобрување на состојбата со животната средина и влијанието на климатските промени“, посочува Христов.

Задачата на институциите е да креираат политики кои приватниот сектор ќе може да ги искористи за да инвестира во зелени практики и циркуларна економија. Придонесот на компаниите, кои ги остваруваат над 85 отсто од инвестициите, во градењето на економија отпорна на климатски промени е огромен.

Фокусот на зелено закрепнување, според министерот за животна средина Насер Нуредини, е во мотивирањето на приватниот сектор да инвестира во зелени практики, но и обезбедување помош на граѓаните и подигнување на свеста какви производи купуваат.

„Енергетска ефикасност значи заштеда и профит, заради што во иднина треба да се стимулираат граѓаните да купуваат продукти направени на енергетски ефикасен начин од компании кои се грижат за околината и нивното влијание врз неа. Не е тешко да се сменат навиките, има добри примери во светот како со вистински политики тоа се спроведува. Во таа насока работат и банките кои сега нудат заеми за купување токму на производи со повисока енергетска ефикасност кои придонесуваат за намалување на трошоците и со тоа и на влијанијата на климатските промени“, посочи Нуредини.

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека е задоволен што инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија и во годината на светската пандемија се остварувале без застој. Резултат на тоа е што за две години е остварена три пати поголема инсталирана моќност во фотонапонски централи.

„Владата, како одговор на кризата која ја создаде пандемијата на ковид-19, која зафати многу сектори, вклучувајќи го и тој за производство на електрична енергија, го реализира шестиот пакет на мерки за закрепнување на економијата. Задоволни сме што во изминатиот период се исполнија сите програми за поттик на воведување на обновливи извори во домаќинствата и компаниите. Поддржани се десет компании, а продолжуваме со над 40 нови договори со приватни компании за почнување на инвестиции во 60 мегаватни фотонапонски централи на државно и приватно земјиште. Веќе се инсталирани четири централи, што влијае и на финалната цена, а со проекти како Осломеј граѓаните се повеќе ќе ги чувствуваат бенефитите од овие инвестиции“, нагласи Бектеши.

Тој ги потенцираше инвестициите од 25 милиони евра во проекти за енергетска ефикасност на објектите од јавниот сектор кои треба да се пример и за индустријата и за домаќинствата, да ги искористат субвенциите и поволностите кои ги дава државата за овој тип на инвестиции. Бектеши апелираше и до младите луѓе да ги земат во предвид зелените работни места кои, според него, се клучни за иднината, да се насочат кон стручните училишта, преку кои полесно ќе најдат работа и ќе бидат поплатени. Освен тоа, преку преквалификација на работната сила до 2030 година ќе се создадат околу 8.000 зелени работни места, а до 2035 година, бројот ќе порасне на 10.000.

Според Сања Бојаниќ од УНДП, искористувањето на ресурсите и нашето влијание на планетата во моментов е неодржливо, заради што националните придонеси на државите треба да се прифатат како алатка која што ќе треба да го поттикне економското заздравување, но не на штета на животната средина. Бојаниќ смета дека овие мерки треба да станат политики и активности на сите засегнати страни. Транзицијата кон нискојаглеродно општество, според неа не треба да се гледа како на скап процес, туку на цел со која ќе се направат заштеди. Од тие причини, посочи, УНДП во земјава работи на голем број проекти во таа насока и дава помош и поддршка за нивна реализација.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров истакна дека ФИТР е подолго време партнер на приватниот сектор, а се работи и на вклучување на банките во процесот, особено во финансирањето на иновативни проекти на старт-ап и микро компаниите. Тој информира дека Фондот има воведено стандарди за компаниите кои ги поддржува, а се однесуваат на намалувањето на влијанијата на климатските промени и заштитата на животната средина.

„Имаме неколку повици поврзани со животната средина како тој за младите истражувачи и за зелени проекти. О2 предизвикот беше организиран два пати и над 200.000 евра беа инвестирани во компании. Во моментот имаме 14 компании кои екслузивно работат на темата животна средина и климатски промени, а Фондот во нив учествува со 1,4 милиони евра“, информира Петров.

Општините имаат многу аспекти на делување со кои можат да придонесат во намалување на климатските промени, не само во поглед на енергетската ефикасност, туку и во урбанизмот, третманот на отпад, одведувањето на отпадните води, комуналното уредување, зеленилото, урбаната мобилност и други.

Општината Карпош во Скопје е една од локалните самоуправи кои многу внимание придава на енергетската ефикасност и можностите за намалување на влијанијата на климатските промени. Според Љупчо Димов, раководител на Секторот за енергетска ефикасност во Карпош, вкупно 20 од 22 јавни објекти во општината се енергетски ефикасни, а на една градинка е поставен и хибриден систем за електрична енергија и топла вода. Општината исто така има и повеќе од 117 објекти кои се високо енергетски ефикасни, а бројот постојано се зголемува.

„ВозможноЕ“ е настан во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), Министерството за животна средина и просторно планирање и платформата Климатски Промени klimatskipromeni.mk. На првиот дел од настанот се дискутираше на тема „Националните придонеси за климатските промени во фокусот – #ВозможноЕ да се постигне глобалната цел за климатски промени од 1,5 степени со амбициозна #КлиматскаАкцијаСега“. Главната цел на настанот #ВозможноЕ е да се изгради политичка волја, национална вклученост и ангажман за подобрено прифаќање и спроведување на Ревидираниот национален придонес преку реални дискусии помеѓу клучните национални чинители.