fbpx

(ИНТЕРВЈУ) Протугер: Тонење во негативни емоции нема да ги промени работите, малцинството треба да се окрупни со делување за промени

Замислете дека нашите ресурси се како батерија. Времето како ресурс, енергијата, здравјето, креативноста, талентите, знаењето, тоа се внатрешни ресурси. Ако институциите се функционални, луѓето ќе можат тие ресурси да ги користат за продуктивност, креација, лична среќа. Од тоа профитира државата. Ако институциите се нефункционални, како во Македонија, тогаш батеријата на граѓаните се троши на решавање на проблемите што произлегуваат од таа нефункционалност

-

Ида Протугер можеби поголем дел од јавноста ја памети од телевизиските екрани, како познат економски новинар, но нејзиниот животен пат зазема сосема друга насока, кога таа се сели во Виена, Австрија и таму го продолжува она што што е всушност нејзина основна професија – психолог и тренер за личен и организациски развој.

За кратко време, таа станува една од 10-те топ рангирани тренери за личен и организациски развој во Виена, според маркетинг компанијата „Influence Digest Media“, која ги лоцира врвните професионалци во засебните индустрии.

Во интервјуто на Мета.мк со Протугер, како за крај на годината, акцент сакавме да ставиме на индивидуалното, наместо на колективното – како секој поединец може да си помогне сам на себе, во едно турбулентно политичко и општествено време што го живееме.

Во последнава година ковид кризата ја оставивме зад нас, но преовладува впечатокот дека отуѓеноста меѓу луѓето остана, исто како и лошите вести со кои граѓаните се соочени секојдневно, без разлика дали станува збор за општествени или политички теми, и преку медиумите и преку социјалните мрежи. Каде го гледате спасот од ова?

Протугер: Од една страна би рекла дека ковид-кризата ни даде вредни лекции. Од живот на автопилот, ние станавме свесни за вредноста на релациите со другите, но и повеќе свесни за нашата индивидуалност и потреби.

Лично мислам дека трката по профит каде од вработените се бара максимум труд за максимум профит е можеби оној притисок повеќе од ковид-кризата што создава отуѓеност бидејќи луѓето немаат време за блискост, за себе, за сите обврски, бидејќи динамиката на животот стана многу интензивна.

Но, чувството на отуѓеност или припадност е сепак лично. Во моментот постојат осум милијарди лични приказни колку што има луѓе на планетата. Додека некој тагува по некого, друг ја нашол љубовта на својот живот, трет добил отказ, четврти го добил работно место од соништата, петти бара начин да се прехрани и преживее бидејќи живее во земја каде има војна.

Ида Протогер / Фото: Лична архива

Но, лошо е кога човек е отуѓен од себе. Спасот го гледам во негување на врската со себе. Во препознавање на своите емоции, на потребите и негување на внатрешните ресурси за справување со предизвиците.

На пример, го спомнавте примерот со лоши вести. Лошите вести нема да исчезнат, но ние можеме да се поставиме кон нив. Но претходно, да видиме што нè вознемирува, каква емоција ни предизвикуваат? На пример, ако нè вознемирува што има војна и само тонеме во чувството на страв, ниту ќе ја промениме ситуацијата со војната, ниту ќе се промени нашето чувство на немир.

Така што поставувањето кон проблемот (наместо тонење во него) тргнува од прашањето што се случило? Се случила војна. Како јас се чувствувам околу тоа? На пример, страв, вознемиреност, лутина, сочувствување. Што можам јас да направам околу тоа? Не можам да ја спречам војната, но можам да помогнам на пример, со донација за погодените од тоа. Што можам да направам за себе? Или да се обидам емоционално да се одвојам од она што се случува во светот, или да видам дали можам да помогнам или да не гледам толку често вести. Има избор и секој треба да го направи сопствениот.

Учењето како да се поставиме кон околностите што не можеме да ги промениме е мудроста на животот, што ќе ни помогне да се активираме кон остварување на личната среќа.

Загрижувачки се податоците кои годинава беа обелоденети во однос на менталните проблеми, анксиозноста и депресијата, особено кај младата популација во земјава. Според вашето искуство, на што се должи ова и што би требало да преземат родителите?

Протугер: Во ова време на интензивна динамика, родителите и децата често пати се чини дека живеат во паралалени светови. Родителите се растргнати да ги исполнат обврските на работа, па домашните обврски, дополнително и тие се на социјални медиуми, со лични предизвици, па останува малку време за суштински квалитетно поминато време заедно. Децата користејќи ги предностите на дигитализацијата најчесто се физички малку активни поради времето поминато на таблет, мобилен или компјутер. Физичката активност ги поттикнува хормоните на среќа, како серотонин и ендрофини. Сончевата светлина стимулира лачење серотонин. Социјалните контакти во живо стимулираат окситоцин и допамин. Овие хормони, односно неуротрансмитери, му помагаат на организмот во балансот и борбата со стресот и хормонот кортизол што произлегува од тоа.

Но, ако децата се затворени дома, пред компјутер или таблет, не се физички активни, немаат контакти со другите, нивниот организам не стимулира лачење на хормоните на среќа. Тоа е една подлога за депресивност или анксиозност. Секако, луѓето се комплексни суштества и многу други фактори влијаат на психичката состојба, но начинот на живот е во прилог на овие состојби.

Исто така, на социјалните медиуми се комуницира она што Јунг го нарекува Персона – делот од нас и дел од личниот наратив што позитивно зборува за нас, најчесто, тоа што е општествено прифатено и вреднувано. Така, се создава една лажна слика на среќа која дополнително повредува или фрустрира некого кој се соочува со лични предизвици и мисли дека лошите работи само нему му се случуваат. А не е така.

Родителите е важно да имаат слух за децата и да бидат со нив емотивно поврзани. Емоционалната блискост е најголем „лек“. Наместо да се насочени кон тоа да ги учат како да се „однесуваат“, повеќе да им биде важно како децата се чувствуваат.

Одблиску сте сведок на случувањата и развојот на настаните во две држави, и во Австрија и во Македонија. Која е разликата во однос на грижата на менталното здравје тука и во Виена? Дали таму постои поголема свесност или е табу тема, како што е во земјава која многу полека се придвижува на ова поле?

Протугер: Еднаш пишував за едно списание статија на оваа тема. Главната разлика е што тука институциите се ветер во грб на граѓанинот, а во Македонија извор на фрустрација.

Ида Протогер / Фото: Лична архива

Замислете дека нашите ресурси се како батерија. Времето како ресурс, енергијата, здравјето, креативноста, талентите, знаењето, сè се тоа внатрешни ресурси. Ако државата, односно институциите, се функционални, луѓето ќе можат тие ресурси да ги користат за продуктивност, креација, лична среќа. Од тоа профитира државата. Ако институциите се нефункционални, како во Македонија, тогаш батеријата на граѓаните се троши на решавање на проблемите што произлегуваат од таа нефункционалност.

Луѓето кои се чувствуваат небезбедно на улиците, кои знаат дека судовите не делат правда, кои немаат квалитетни здравствени услуги, гледаат дека јавните пари не се трошат за заедничко добро, се ставени во режим на преживување, а не на креација. Нивната батерија на ресурси како на пример време, енергија и здравје, се троши на справување со нефункционалноста на системот. А државата не само што не профитира од потенцијалот на луѓето во градење на својата иднина, туку ги губи како ресурси. Во се поголем број тие заминуваат во потреба по услови каде ќе го максимизираат својот потенцијал наместо да тонат во фрустрација. Особено младите.

Инаку, околу разликите, еднаш на едно предавање еден професор ме праша која е разликата помеѓу луѓето во Австрија и во Македонија. Му одговорив она што е моја перцепција, дека луѓето тука во Австрија градат цврсти интерперсонални граници и насочени се кон јакнење на индивидуалноста. Во Македонија ние градиме силни меѓучовечки врски и насочени сме кон колективитетот, припадноста. И едното и другото имаат свои предности и недостатоци во однос на менталното здравје. Индивидуалноста повеќе ги исклучува ресурсите на емотивна блискост со другите, а колективизмот пак ги прави лабави личните граници кои ја штитат автентичноста.

Од самото раѓање кај секој човек постои судир меѓу тие две силни потреби, од една страна за самоактуелизација, односно јакнење на индивидуалноста, а од друга потребата за припадност, бидејќи сме социјални суштества. Низ животот учиме како да правиме баланс меѓу тие две потреби. Да се откажеме од нешто „свое“ во име на заедништвото што го градиме, но и да не се откажуваме од нешто своe, ако тоа ја урива нашата автентичност. Тој баланс го нарекуваме созревање.

За да ви доловам пример колку тука грижата за менталното здравје не е табу теба, ќе споделам само дека бившиот министер за здравство кој беше многу популарен за време на Ковид-кризата си даде оставка со објаснување дека веќе има доживеано ‘burnout’ и сега чувствува дека е преморен и сака да покаже грижа за сопственото ментално здравје.

Јас лично имам тука психотерапевт, а и законите за мојата професија налагаат еднаш до два пати годишно да одиме на супервизија.

Инаку многу убаво објаснување на грижата за менталното здравје добив од случајни познаници. Во Аргентина е најголем бројот на луѓе кои одат на психотерапија и во една прилика кога запознав брачен пар од таму ги прашав за тоа дали е и нивен впечаток. Ми рекоа дека двајцата имаат психотерапевт е така и дека таму одење на психотерапија е како одење на фризер и дека идентично како што се грижат за надворешниот изглед, се грижат и за внатрешниот.

Еден рецепт за среќа не постои. Сепак, пред нас е година која искрено кажано, не ветува многу во однос на пренатрупаноста на лошите вести и работи, кои реално се токсични за граѓаните. Дополнително, поставеноста на системот, недостапноста до основни здравствени услуги, аерозагадувањето, ниските примања се реалност која ја живее еден обичен смртник во земјава. Која е вашата порака до нив, како секој од нас да излезе на крај и со едното и со другото, а сепак, на крајот од денот да види една искра на среќа и надеж?

Протугер: Нефункционалноста на системот и предизвиците што произлегуваат од тоа навистина создава фрустрација во Македонија и влијае на менталното здравје на луѓето. Рецепт за среќа не постои, како ни еден рецепт за справување со овие предизвици. Но, повторно да се вратиме на почетокот, ние околностите често не можеме да ги смениме, но можеме да се поставиме кон нив. Во тоа е разликата дали ќе станеме нивна жртва или креатор на сопствената судбина.

Човекот има два најголеми моќи, а тоа се правото на избор и слободата на одлучување. За да може да ги користи, важен е негувачки и квалитетен контакт со себе. Ако сме фокусирани кон тоа што немаме, не можеме, кон проблемот и останеме таму, ситуацијата тешко ќе се промени. Ако се фокусираме кон тоа што можеме (во така дадените околности), кон тоа што имаме, кон ресурсите, кон решенијата, ситуацијата многу поверојатно ќе се промени.

Наредната година ќе има избори. Мнозинството во Македонија го поддржуваат клиентелизмот кој е всушност коренот на нефункционалноста на системот. Но има луѓе кои за жал се малцинство кое ги негува вредностите на правда, демократија, солидарност и достоинство. Е сега едно од решенијата тоа малцинство да се окрупнува со делување на секој човек кој сака промени. Бидејќи тонење во негативна емоција нема да ги промени работите. Делувањето е тоа кое ќе ги поместува. Да се поврзуваат то повеќе луѓе што негуваат вредности кои ќе донесат поправедно општество со функционални институции. Такви островца на позитивна енергија јас сум видела и ме радува што ги има.

Може ли да издвоите три реченици кој секој граѓанин би требало да си ги повторува секој ден, без разлика на случувањата, за да го зајакне оптимизмот, да ја зачува вербата дека работите можат да се менуваат и на подобро и полесно да се справат со лошите мисли?

Протугер: Мантрата е корисна, но покорисно е наместо повторување, ние да се занимаваме со нашите мисли, емоции и можности за делување. Мислите генерално, не само лошите, се наш производ, но ние не сме нашите мисли. Ние на нашите мисли често им даваме митска моќ и се нурнуваме во вртлогот кога ќе не обземат. Добар одговор на лошите мисли е „што ако нема да се случи тоа?“

На пример кога ќе падне некој во безнадеж дека нешто не може, да види што може. Од пасивен консумент на приликите, да стане активен креатор на својата судбина. Но, ако веќе ме прашувате за конкретни реченици, би издвоила три цитати кои ми се омилени:

  • „Најсреќниот човек не е оној кој го има најдоброто, туку кој знае да направи најдобро од тоа што го има“ – непознат автор.
  • „Помеѓу стимулусот и одговорот постои простор. Во тој простор лежи нашата моќ на избор на тој одговор. Во нашиот одговор лежи нашиот раст и нашата слобода.“ – Виктор Франкл.
  • Оној кој го има своето ‘зашто’ во животот, може да се справи со речиси секое ‘како’ “ – Фридрих Ниче.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...