(ИНТЕРВЈУ) Петра Балажич: Младите треба да знаат да препознаат злонамерни дезинформации

Треба да бидеме способни да комуницираме со младите на ефективен и атрактивен начин, исто како што тоа го прават противниците, вели Балажич, проектен менаџер во Центарот за европски перспективи од Словенија во интервју за Мета.мк

Петра Балажич; Фото: Мета.мк

Петра Балажич од словенечкиот Центар за европски перспективи, кој работи во регионот на Западен Балкан во справувањето со дезинформациите, во интервју за Мета.мк вели дека ширењето на дезинформациите е прашање на безбедноста и стабилноста на земјите од Западен Балкан, но и дека на различни возрасни групи во општествата треба да им се пристапи поинаку при справувањето со дезинформациите. Балажич потенцира дека образовните системи во Западен Балкан би можеле да работат подобро и да се надградуваат за да имаме млада генерација која е способна за критичко размислување.

Дали вие или вашата организација сметате дека проблемот со дезинформациите е прашање на безбедноста и стабилноста? 

Петра Балажич: Дефинитивно, дезинформациите се прашање на безбедноста и стабилноста. Она што дезинформациите се обидуваат да го направат е да ги разоткријат и злоупотребат ранливостите на општествата за да ги распарчат тие општества.

Ако дезинформациските кампањи се успешни и ја изгубите општествената кохезија, тогаш доаѓате во ситуација кога спроведувањето на демократските принципи, стандарди и практики станува многу тешко.

Со недостиг на социјална кохезија имате поголеми антагонизми во општеството, а тоа предизвикува, во најлош случај, дури и агресија, насилство и неподготвеност да работиме заедно за заедничка иднина.

Kажете ни нешто повеќе за проектите кои ги работи организацијата од каде што доаѓате – Центарот за европски перспективи, особено за проектот „Зајакнување на општествената отпорност и борба против странските малициозни дезинформации во земјите од Западен Балкан“.

Петра Балажич: Центарот за европска перспектива е институција формирана од Министерството за надворешни и европски работи на Словенија. Оттогаш значително пораснавме и сега спроведуваме голем број успешни проекти. Со нашата напорна работа докажавме дека сме доверливи и поради тоа имаме многу проекти на кои работиме.

Работиме на проекти за регионалната соработка, мирот и безбедноста, во стратешките комуникации и секако водечкиот Бледски стратешки форум, кој е многу познат во овој дел од светот. И тоа е навистина нешто со што ние како Центар за европска перспектива и како Словенија сме навистина горди. Затоа нема да навлегувам во многу детали за другите проекти.

Можете да ја проверите нашата веб-страница и да дознаете повеќе за нив. Тие се дефинитивно многу интересни. Но, кога станува збор за зајакнување на општествената отпорност и спротивставувањето на дезинформациите во Западен Балкан, тоа е многу амбициозен проект што се спроведува од 2020 година.

Она што се обидуваме да го направиме е главната цел на проектот да ги натера владата, медиумите и граѓанските организации да работат заедно за одржување на дијалогот и на крајот да дојдат до точка каде што заедно ќе можат да воспостават национални механизми за борба против дезинформациите.

Она што значи да имаш стратегија е да знаеш кој е одговорен. Какви се дезинформациите пред се, кој е одговорен да им се спротивстави? На кој начин спротивставувањето е искомуницирано со луѓето, како и кои сектори се вклучени и на кој начин. Значи, тоа се однесува и на кои сектори во владата се одговорни и кои општествени сектори што треба да направат.

Ова е многу долгорочен проект. Тој е многу амбициозен во сегашниот контекст на Западен Балкан, но ние се трудиме максимално и со задоволство можам да кажам дека Северна Македонија навистина добро се снаоѓа во оваа област, особено во споредба со другите партнери од Западен Балкан. Но, се надеваме дека и во тие земји наскоро ќе видиме одреден напредок како што ќе се имплементира проектот.

Исто така, би сакала само да споменам уште еден проект кој беше многу успешен и кој е комплементарен на проектот кој штотуку го опишав, а тој е Размена на европска дигитална дипломатија. Ова е проект кој е фокусиран на проактивно зајакнување на општествената отпорност на дезинформации преку успешни стратешки комуникации на владите кон општествата, со цел да се имунизираат општествата кога станува збор за дезинформациите. Овој проект функционира веќе шест години и навистина е многу успешен. И тоа не го вклучува само Западен Балкан, туку и земјите од Источното партнерство, Балтикот и САД и Канада.

Едно потпрашање во однос на ова. Навистина сакам да ве прашам, вие рековте дека идејата е владата, граѓанскиот сектор и медиумите, да седнат на една маса и да разговараат за стратегијата за борба против дезинформациите. Дали мислите дека ова е можно?

Петра Балажич: Морам да верувам дека тоа е можно. И јас го правам тоа. Јас верувам, искрено во моето срце верувам дека тоа е можно. Мислам дека е потребно време. Мислам дека ни одзема многу енергија. Потребна е инвестиција и во однос на времето и во однос на многу фрустрации што ги среќаваме на патот. Тоа не нè спречува. И јас навистина верувам дека постои светло на крајот од тунелот.

До одреден степен, недовербата меѓу секторите има смисла, но тоа не е финално. Не мора да биде така. Ако го одржиме овој дијалог, ќе можеме повторно да ја изградиме таа доверба. Да имате тројца добри луѓе – по еден во секој сектор – е доволно за да се направи чекор напред. Очигледно се надеваме дека има повеќе од тројца, но уверени сме дека со текот на времето ќе стекнеме повеќе луѓе и ќе бидеме во можност да ја возобновиме довербата.

Тука би сакала да напоменам дека во јуни во Порторож, Словенија имавме регионална обука за борба против дезинформации. Во Порторож ни се придружија претставници на секоја влада од Западен Балкан, од медиумите од Западен Балкан и од граѓанскиот сектор од Западен Балкан. Така што, повторно имавме луѓе од сите три сектори кои работеа заедно на една маса. Работите не секогаш во секој момент одеа без проблеми, но на крајот видов размена на контакти. Видов дека дијалогот продолжува и тоа е добар знак дека кога ќе се собереме сите заедно следниот пат, ќе можеме да направиме чекор напред.

Вашата организација неодамна ја објави публикацијата насловена како „Информациска војна и борба за вистината – Тактики и штетни ефекти на странските малициозни дезинформации во Западниот Балкан“. Можете ли накратко да ни кажете кои се главните поенти од оваа публикација? 

Петра Балажич: Најновата публикација што Центарот за европска перспектива ја објави во рамки на проектот „Зајакнување на општествената отпорност и борба против странските малициозни дезинформации во земјите од Западен Балкан“ навистина покажа дека дезинформациите се многу присутни во сите земји од Западен Балкан и дека имаат големи штетни ефекти врз општествата во целост.

Она што сакам да го кажам со тоа е дека дезинформациите се дел од кампањите за поголемо влијание. Тоа значи дека тие не го таргетираат само информативниот простор, туку информативниот простор е само едно парче од мозаикот на кампањите за влијание. Таа делува врз економијата. Има влијание на дипломатијата и ги погаѓа односите со нашите евроатлантски партнери.

Затоа, навистина е важно, пред сè, да имаме свест дека постојат дезинформации, дека тие се дел од пошироката слика и дека во овој момент сè уште не можеме ефикасно да им се спротивставиме во Западен Балкан. И затоа е важно да продолжите да работите на тоа. А кога станува збор за свесноста, таа исто така значи да бидеме способни да имаме истражување и институции посветени да го истражат овој феномен на начин кој е што е можно повеќе ориентиран кон резултат.

Дали вашата организација, или можеби вие лично, имате искуство со согледувањето на дезинформативните наративи во Западниот Балкан и како младите од регионот се таргетирани, дали мислите дека младите се особено ранливи на овој вид малигни наративи?

Петра Балажич: Нашиот проект не се занимава конкретно со младите. Сепак, младите се дел од општеството и очигледно и нив ги земаме предвид. Многу пати кога ние имаме разговори со нашите партнери ова прашање се поставува. Младите се ранливи како и секој друг дел од општеството, но на поинаков начин.

Начините на кои дезинформациите допираат до нив се различни од начинот на кој допираат до постарите популации и генерации. Значи, она што е важно во овој дел е да се разгледа како дезинформациите допираат до нив и кој е најдобриот начин да се комуницира со младите дека дезинформациите се навистина дезинформации и дека треба да им се спротивстават и да ги натера да имаат верба дека има надеж и дека тие не мора нужно да се препуштат на апатијата, која расте кај помладите генерации.

И тоа е нешто што можеме да го постигнеме, ако им дадеме соодветна перспектива и да се увериме дека тие знаат оти иако малигните актери се обидуваат да ги убедат дека нема начин напред, особено кога станува збор за Европската Унија или евро-атлантизмот воопшто, тие треба да можат да веруваат дека само поради тоа што лошите момци не сакаат да мислат дека има пат напред, не значи оти тој пат не постои.

Како што споменав, треба да разбереме дека генерациите функционираат поинаку и тие имаат свои предизвици. Па така, за постарите генерации, употребата на дигиталната сфера може да биде предизвик само по себе. И важно е постарите генерации да се научат како да се „движат“ низ дигиталната сфера и да им се објасни дека не е точно сè што е напишано на интернет.

Помладите генерации пак не го имаат овој проблем. Помладите генерации се израснати со таблети, компјутери и паметни телефони. Тие знаат како да го користат тој простор. Тие веројатно знаат како да го направат тоа подобро дури и од она што можат да го направат постарите генерации, како што се: генерацијата X или дури и Милениумците. Она што е важно за нас сега не е да им покажеме како да се движат во тој простор и не е да им кажеме дека не баш сето она што е напишано на интернет не е точно. Тие го знаат тоа. Но, ние треба да бидеме способни да комуницираме со нив ефективно и атрактивно како што тоа го прават противниците.

Затоа, мораме да се погрижиме да препознаат кога нешто има злонамерна намера, а кога нешто нема. Мислам дека ова е многу важно. И мислам дека главниот начин да се направи тоа е преку образование и критичко размислување. И тоа не мора да биде ограничено само на медиумската писменост, да таа е важна, но постои и критичко мислење во неговата поопшта форма.

И тоа е нешто на што образовните системи во Западен Балкан, но и во Словенија и во поголемиот дел од светот, би можеле да работат подобро и треба постојано да се надградуваат за да имаат млада генерација способна за критичко мислење. Така, кога ќе добијат информација, тие можат да направат сопствена проценка дали таа има смисла или не.

Но, многу е тешко кога на едната страна имаш група на луѓе кои не следат никакви правила, не се придржуваат до никакви етички ограничувања или кога тие можат да измислуваат што сакаат. Од друга страна, вие мора да работите конкретно според оној збир на правила што треба да ги следите за да бидете веродостојни.

Петра Балажич: Се разбира дека е тешко. Тешко е што мораме да следиме одредени правила додека противниците не. Но, тоа е она што треба да го цениме кај нас самите, дека треба да бидеме среќни што се обврзавме да ги следиме овие правила.

Вештачката интелигенција од неодамна се развива многу брзо и за нејзиното влијание како можна алатка за масовно производство на дезинформации се дебатира токму во овој момент, а тоа е нешто што некои луѓе го сметаат за многу, многу опасно како нов предизвик. Дали имате размислувања за тоа што може да се направиме во врска со ова прашање?

Петра Балажич: Јас не сум експерт за вештачка интелигенција. Сепак, начинот на кој гледаме на неа е дека тоа е нова технологија, технологија која е во развој. Во секој момент од историјата на човештвото, наидувавме на нови технологии и во секој момент од историјата, тие нови технологии некои ги сметаа за закана, а други како можност. Она што треба да го направиме, што е наша одговорност, е да се погрижиме можностите на вештачката интелигенција да ја надминат штетата што вештачката интелигенција може да ја предизвика.

Значи, не станува збор за алатка, туку за тоа како ја користите. И мислам дека има големи можности со вештачката интелигенција, всушност да ја надополни нашата работа и да ни помогне поефективно да се бориме против дезинформациите, а истовремено да бидеме свесни дека малигните актери ќе ја користат оваа алатка за свои придобивки.

Значи, важно е да останеме најдобри што можеме и да останеме чекор напред во споредба со нашите противници.