Вкупно 88 отсто од македонските домаќинства имале пристап на интернет од дома, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за првото тримесечје од 2023 година. Видеоповици, учество во социјални мрежи и испраќање на инстант пораки, се активностите за кои интернетот во земјава бил користен најмногу.
За десет години, бројот на домаќинства со пристап до интернет од дома се зголемил за речиси 23 отсто. Ако во 2013 година пристап на интернет имале 65,1 отсто, годинава нивниот процент изнесува 88. На прашањето дали имаат пристап до интернет, негативно одговориле 10,5 отсто од домаќинствата, а дека не знаат дали имаат пристап рекле 1,5 проценти.
Најголеми корисници на интернет се младите на возраст од 15 до 24 години, од кои сите 100 отсто одговориле оти биле онлајн во последните три месеци. Од нив, 96,5 проценти користат интернет неколку пати во текот на денот, а преостанатите 3,5 отсто рекле дека користат интернет секој ден или речиси секој ден.
Слично на тоа, 95,6 отсто од оние на возраст од 25 до 54 години рекле дека употребиле интернет во последните три месеци, додека овој процент меѓу населението на возраст од 55 до 74 години изнесува 72,1.
Најмладите преферираат инстант пораки, повозрасните видеоповици
Видеоповиците и размената на инстант пораки доминираат меѓу активностите што македонските граѓани ги имаат на интернет.
Интернетот за телефонирање преку веб-камера и за употреба на апликации како „Skype“ (Скајп) и „Facetime“ (Фејстајм) го користеле високи 89,2 отсто од граѓаните.
За учество во социјални мрежи, каде креирале кориснички профили, испраќале пораки и други прилози на Фејсбук, Твитер и слични мрежи, интернетот го користеле 76,9 отсто од населението.
Следна најчеста активност на граѓаните на интернет се инстант-пораките преку апликации како „Messenger“ (Месинџер), „WhatsApp“ (Вотсап) и „Viber“ (Вибер). Интернетот за оваа намена го употребиле 75,2 отсто од граѓаните.
Забележително од податоците на ДЗС е дека најмладите до 24 години почесто го користат интернетот за размена на пораки, додека оние на возраст од 25 до 54 години, како и од 55 до 74 години, најмногу го користеле за видеоповици.
Активности на Интернет во последните три месеци by Goshe
Покрај овие активности, Интернетот во Македонија луѓето го користеле и за наоѓање информации за производи или услуги (54,2 отсто), читање онлајн вести (48,2 отсто), интернет банкарство (32,8 отсто), додека 18,7 проценти го употребиле интернетот за да изразат мислење за граѓански и политички прашања на веб-страници или социјални мрежи.
Своето мислење на Интернет многу почесто го изразувале оние на возраст од 25-54 години (над 21 отсто) и 55-74 години (16,2 отсто), додека само 12,6 отсто од најмладата возрасна категорија биле онлајн за да ги изрази своите ставови.
На интернет најмногу се нарачува облека и чевли
Речиси 30 отсто од македонските граѓани во последните три месеци направиле нарачка на интернет. Од нив, најголем дел – 72 отсто – нарачале облека, чевли и додатоци како чанти и накит.
Следна на списокот е спортската опрема (без спортска облека) – производи кои ги нарачале 23,1 отсто од граѓаните што направиле онлајн нарачка во последните три месеци.
Козметика и производи за убавина и велнес нарачале 13,5 отсто од граѓаните, а мебел и додатоци за дома (теписи, завеси, алатки, растенија) купиле 10,8 проценти.
Речиси 88 отсто од нарачките биле направени кај продавачи од земјава, 18 отсто кај продавачи од ЕУ, а над 13 отсто кај продавачи од останатиот дел на светот.