Инстаграм и Фејсбук ќе ги означуваат политичките „дипфејк“ содржини

Следната година се очекуваат општи избори во некои од најголемите држави. Новите правила ќе бараат рекламите кои се однесуваат на политика, избори или социјални прашања да ја пријават секоја дигитална промена пред рекламата да биде објавена на Фејсбук или Инстаграм

Photo by Brett Jordan on Unsplash

Технолошката компанија „Мета“ ќе бара од политичките огласувачи да означат кога користеле вештачка интелигенција (ВИ) или дигитална манипулација во рекламите на Фејсбук и Инстаграм.

Почнувајќи од јануари, рекламите поврзани со политика, избори или социјални прашања ќе мора да пријават каква било дигитално изменета слика или видео, пренесува Би-би-си.

„Мета“ и досега имаше воспоставено политики за користење на „дипфејк“ (deepfake) содржини, но вели дека новите промени одат чекор понатаму. Во соопштението компанијата објаснува оти ќе биде означувана секоја промена на она што некој го кажал во видеото, изменетите слики или снимки, како и прикажувањето на лица со реален изглед кои всушност не постојат.

На овој начин, светската политика на социјалните мрежи ќе биде модерирана од проверувачи на факти составени од луѓе и ВИ.

Корисниците ќе бидат известени кога огласите ќе бидат означени како дигитално променети.

Сегашните правила на „Мета“ за „дипфејк“ во видеата предвидуваат отстранување на содржините ако истите може да доведат до заблуда просечен човек да верува оти субјектот во снимките ги кажал работите кои всушност се изменети и не ги кажал.

Новите правила ќе бараат рекламите кои се однесуваат на политика, избори или социјални прашања да ја пријават секоја дигитална промена пред рекламата да биде објавена на Фејсбук или Инстаграм, без разлика дали промената е направена од човек или од вештачка интелигенција.

Доколку огласувачите не ги пријават ваквите промени кога објавуваат реклами, рекламата ќе биде отфрлена, а честите обиди може да завршат со казни против огласувачот.

Следната година се очекуваат општи избори во некои од најголемите држави, вклучувајќи ги и САД, Велика Британија, Индија и Индонезија.

Закажани избори има и во Русија, Јужна Африка и земјите од ЕУ.