Иницијатива на УНИЦЕФ и ЕУ за учество на младите во реформа на системот за правда за децата

фото: УНИЦЕФ

УНИЦЕФ, Делегацијата на Европската унија и други партнери промовираа две нови иницијативи за поттикнување на учество на децата во изработка на решенија за пристап до правда за децата и надоградба на капацитетите на стручните лица што работат со деца во ризик.

На почетната работилница за правата на децата што се одржа изминатиов викенд, 60 деца и младинци се придружија на иницијативата „Младински застапници за правда за децата“, која што е прва од таков вид во земјава, соопштија од УНИЦЕФ.

Целта на иницијативата е создавање простор за децата и младите да учествуваат во реформските процеси на законите и јавните политики од областа на правда за децата и да предложат иновативни начини за решавање на прашањата што влијаат врз нивните животи.

Негативните доживувања во детството или интеракциите што ги доведуваат децата во контакт со правосудниот систем честопати предизвикуваат траума со сериозни последици по способноста на децата да размислуваат, чувствуваат и да се однесуваат. Тешко е да се определи кој и во колкав степен има претрпено траума, па затоа системот мора да обезбеди сите деца да се чувствуваат безбедно, сигурно, смирено и заштитено, вели Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„Децата и младите мора да бидат вклучени во овој процес; мора да имаат директен удел во одлучувањето и да го кажат своето мислење. Видовме како децата осмислуваат и предводат иницијативи во доменот на климатските промени и квалитетното образование. Сега ќе имаме добра можност да ги видиме како учествуваат во оваа нова и возбудлива иницијатива во улога на младински застапници и веруваме дека нивните идеи ќе придонесат кон подобрен правосуден систем по мерка на децата“, изјави ДиЏовани.

На оваа работилница идните младински застапници за правда за децата се запознаа со главните принципи на детските права, меѓу кои спаѓаат и правата на децата што доаѓаат во контакт со законот. Од УНИЦЕФ додаваат дека по оваа првична обука, децата и младите ќе учествуваат во работилници за конципирање и обмислување на кои ќе изработуваат креативни решенија за предизвиците со кои децата се соочуваат кога доаѓаат во контакт со правосудниот систем. Нивните идеи ќе бидат претставени пред носителите на одлуки, а УНИЦЕФ и другите партнери ќе го поддржат нивното натамошно развивање и реализација.

Оваа недела УНИЦЕФ отпочнува и низа работилници за обучувачи наменети за стручни лица кои работат со деца што доаѓаат во контакт со правосудниот систем, со цел да се изврши валидација на првата наставна програма со која се воведува повеќесекторски приод заснован врз најдобриот интерес на детето.

„Кога децата доаѓаат во контакт со системот за правосудство и системот на детска заштита, се среќаваат со различни стручни лица и институции што одлучуваат за нивната иднина. Затоа е од особена важност сите стручни лица што донесуваат такви одлуки да бидат водени од најдобриот интерес на децата. Индивидуален приод со сочувствителност и внимателно промислување може да има огромен позитивен ефект врз нивната иднина” рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Наставната програма е изработена според пристап што се базира на човековите и детските права и се фокусира на клучни компетенции како што се вештини за меѓучовечка комуникација, ангажман во заедницата и мобилизација. Притоа, понудени се и студии на случаи и најдобри практики од Европа. Модулите ги опфаќаат главните аспекти на принципите на правда за децата, деца во ризик од контакт со правосудниот систем, жртви, сведоци и деца во судир со законот.

По работилницата и финализирањето на наставната програма, групата сертифицирани обучувачи ќе го пренесува знаењето на своите колеги и други стручни профили што работат со деца во ризик, како што се судии, обвинители, социјални работници, полициски службеници, стручни работници што работат со деца во поправни установи, адвокати и медијатори.