Инфлацијата ќе биде едноцифрена, а економијата во позитивна зона

Пониска стапка на раст на БДП се предвидува и в година. Наместо сегашната од 4,1 отсто, се прогнозира економски раст од 4 отсто, пишува Порталб

-

Инфлацијата ќе биде едноцифрена, но повисока во однос на претходните проценки за годинава. Економијата ќе остане во позитивна зона, но со пониска стапка на раст од сега предвидената, пишува во анализата на Порталб.мк. Новата Фискална стратегија 2024-2028 со нови проценки и прогнози кои можат да бидат „предвесник“ на ребалансирање на буџетот.

Раст на БДП за 2,5 отсто, инфлација на ниво од 8,9 отсто

Новата Фискална стратегија ги „стопи“ прогнозите за пониска инфлација, а повисок економски раст. Новиот документ со кој се „ревидираат“ сегашните прогнози за економија, според познавачите, е увертира за летен ребаланс на буџетот бидејќи се менуваат проценките за економски раст, за ценовни движења, растот на платите.

Со стратегијата се предвидува економски раст од 2,5 отсто за годинава што е пониско ниво во однос на 2,9 отсто во сегашната проекција. Причината е во очекувањето за воздржана потрошувачка пред сè, поради поскапувањата.

„Годинава се очекува раст на економијата, иако со поумерено ниво во однос на претходната проекција, како резултат очекувањата за помал раст на приватната потрошувачка од претходно, поради сè уште високото ниво на инфлација и зголемените трошоци за финансирање. И понатаму потрошувачката ќе биде еден од главните извори на раст“, се наведува во објавениот документ.

Пониска стапка на раст на БДП се предвидува и за в година. Наместо сегашната од 4,1 отсто, се прогнозира економски раст од 4 отсто.

За годинава, економскиот раст според Владата ќе се потпре и на проектот за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10. Стапката на раст на бруто инвестициите е позиционирана на 5,2 отсто.

„Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 5,1 отсто во 2023 година, а во периодот 2024 до 2028 година, инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,4 отсто, како резултат на најавените инвестиции од повеќе меѓународни компании, поинтензивен прилив на странски инвестиции, зголемени капитални расходи, но и континуираната поддршка за развој на приватниот сектор“, се наведува во Фискалната стратегија.

Иако за годинава сите проценки укажуваат дека инфлацијата треба да се „заузда“ на едноцифрено ниво, сепак во однос на сегашните проценки, таа ќе биде повисока, на ново од 8,9 отсто.

„Позначителни отстапувања за 2023 година има и кај стапката на инфлација, која е нагорно ревидирана поради тоа што се покажа како поотпорна во однос на претходните очекувања и иако е со надолна тенденција, таа сè уште е на високо ниво во првиот квартал од година. Очекувањата за намалување и стабилизирање на цените на храната и на енергенсите, како и мерките на Владата за намалување на цените на основните продукти ќе придонесат кон забавување на стапката на инфлација во текот на годината“, се наведува во стратегијата и се нотира дека проекциите за наредниот период не се ревидирани.

Следната година инфлацијата треба да се намали на 2,5 отсто а следните години да се стабилизира на 2 отсто. Годинава, според новите проценки, стапката на невработеност ќе изнесува 14,2 отсто, ниво кое е повисоко во однос на сегашната проценка а вработеноста се проектира на 47,7 отсто што, пак, е пониско ниво во однос на прогнозата во Фискалната стратегија 2023 – 2027.

Почна новата грејна сезона, греењето ќе зависи од температурите

Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 година за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ, соопштија од Електрани...