Илјадници заедници на Редит стануваат недостапни во знак на протест против платформата

Редит воведе низа трошоци за програмерите кои сакаат да го користат неговиот АПИ - Апликацискиот програмски интерфејс – код кој им овозможува на трети апликации да прелистуваат и прикажуваат содржина од Редит

Photo by Brett Jordan on Unsplash

Илјадници заедници на „Reddit“ (Редит) од денеска стануваат недостапни во знак на протест поради начинот на кој се води платформата. Оваа американска мрежа воведува контроверзни трошоци за развивачите на апликации од трети страни, кои се користат за пребарување на оваа социјална мрежа.

Како што пишува Би-Би-Си, ваквите најави резултираа со бурни реакции, при што модераторите на некои од најголемите „subreddits“ (форуми во рамките на Редит) ги направија нивните страници приватни 48 часа во знак на протест.

Повеќе од 100 форуми веќе се затворени за корисниците, а се очекува уште околу 3.500 заедници да станат недостапни деновиве во знак на протест поради претстојните промени на АПИ – Апликацискиот програмски интерфејс на Редит – код кој им овозможува на трети апликации да прелистуваат и прикажуваат содржина од Редит.

Промените на АПИ ќе принудат многу апликации од трети страни како „Аполо“ да се затворат, пренесува „Врџ“.

„Затемнувањето“ на Редит ќе вклучи и пет од десетте најпопуларни заедници на страницата – r/gaming, r/aww, r/Music, r/todayilearned и r/pics – секоја од овие заедници има членство од над 30 милиони луѓе.

Тие велат дека сакаат администраторите на Редит да сфатат оти се потпираат на модераторите за управување со страницата и дека единствениот начин да се испрати порака е да му наштетат на сообраќајот на платформата.

Редит, за разлика од другите социјални мрежи, во голема мера се потпира на модерирање на содржините и заедниците. Покрај платените администратори, веб-страницата користи десетици илјади неплатени модератори – познати како „модови“ – за да ја одржува својата страница функционална. Овие модови се грижат за своите заедници со цел да се осигурат дека на нивните форуми нема да има коментари надвор од темата или содржина што е забранета.

Редит се опишува себеси како „насловната страница на интернетот“. Платформата има официјална мобилна апликација, но таа беше развиена во 2016 година, многу години по основањето во 2005 година.

Поради ова беа создадени апликации од трети страни како „Аполо“, „Reddit is Fun“, „Sync“ и „ReddPlanet“ – како начин за луѓето да пристапат до Редит од нивните мобилни уреди.

Сите четири апликации рекоа дека ќе се затворат како резултат на новите цени наложени од Редит.

Развивачот на „Аполо“, Кристијан Селиг, тврди дека ова на крајот ќе го чини 20 милиони долари за да продолжи да ја одржува апликацијата, пренесува Би-би-си.

Од Редит за Би-Би-Си, пак, изјавиле дека трошат неколку милиони долари на такси за одржување и дека треба да бидат платени за да продолжат да ги поддржуваат апликациите од трети страни. Од платформата тврдат дека нема да им бараат платен пристап на сите апликации, односно нема да им наплаќаат на апликациите што го прават Редит подостапен.

Некои од заедниците најавија дека ќе останат недостапни сè додека Редит не ги промени новите правила.