„Ибеј“ губи во тужбата против „Амазон“

Амазон
Bryan Angelo на Unsplash

Малопродажниот гигант „Амазон“ (Amazon) победува во спорот во кој е обвинет за преземање на трговци од неговиот ривал „Ибеј“ (eBay). Арбитражната комисија донела одлука во корист на „Амазон“ претходно овој месец, според судските документи кои ги поднела компанијата во вторникот.

„Ибеј“ поднела две тужби, едната против „Амазон“ во 2018 година, а другата против група менаџери во 2019 година и во двете се тврди дека вработени на „Амазон“ креирале сметки на „Ибеј“ под лажни изговори, а потоа ги намамиле трговците што продаваат таму да се приклучат кон „Амазон“. Менаџерите се обвинети за рекет, измама и мешање во договорни обврски. Со ова, од “Ибеј“ тврдат дека на компанијата ѝ е нанесена штета.

Арбитражна комисија назначена од два суда утврдила дека „Ибеј“ ги докажал тврдењата во тужбите, но во ниту еден од двата случаи не успеал да докаже дека претрпел штета како резултат на „ловокрадството“. Сите тврдења се отфрлени, но останува пресудата да биде потврдена од страна на судовите.

И двете компании важат за гиганти во е-трговијата, но нивните пристапи кон пазарот се разликуваат еден од друг, со тоа што „Амазон“ фокусот го става на сопствена директна продажба. Сепак и двете компании се нaтпреваруваат на бизнис пазари кои се потпираат на трговци од трети страни.

Инаку, „Амазон“ се соочува со антимонополска истрага во Европската Унија, а сѐ поверојатно е дека ќе бидат воведени поголеми регулации и во САД. Истрагата во ЕУ се очекува да биде спроведена за да се утврди дали платформата неправедно се натпреварува со трети страни, односно со трговците кои продаваат таму.