И малкуте пари што ги одвоила за почист воздух, Владата на крај ги потрошила за други намени

И покрај тоа што за 2021 година биле планирани 80 милиони денари за справување со аерозагадувањето во земјава, дури 70 отсто од нив останале неискористени и се пренаменети на крајот од годината за други намени

Фото: Мета.мк

И оние малку средства што централната власт ги издвојува за справување со аерозагадувањето во земјава, не можат да се потрошат поради незаинтересираност на општините, за на крајот Владата да ги пренамени за други активности. Алармантни податоци нуди Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на Владата на РСМ, сметка на основен буџет (637).

Во однос на владината потпрограма за намалување на аерозагадувањето, ревизорите констатирале дека средствата се користат по претходно донесена програма од Владата, на предлог на Генералниот секретаријат. И покрај тоа што за 2021 година биле планирани 80 милиони денари за справување со аерозагадувањето во земјава, дури 70 отсто од нив останале неискористени и се пренаменети на крајот од годината за други намени.

„Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година е донесена во февруари 2021 во износ од 80.000 илјади денари. Во програмата е дефинирана конкретната намена на средствата како и начинот на реализација на активностите на Генералниот секретаријат, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Во декември 2021 година, поради неискористеност на 70 отсто од овие средства, истите се прераспределени за други буџетски намени и кај други буџетски корисници, со што реализираниот буџет на Програмата за намалување на аерозагадувањето изнесува само 19.913.000 денари.

„Нискиот процент на реализација на програмата за намалување на аерозагадувањето се должи на недоволен број на поднесени апликации за искажување интерес од страна на општините, иако во текот на 2021 година од страна на Генералниот секретаријат објавени се три јавни повици“, констатирале ревизорите.

И во делот на исплатените средства од околу 19,9 милиони денари во 2021 година, ревизорите посочуваат дека не се утврдени критериуми за распределба на средствата, ниту пак е уредено формирањето на комисија за селекција на проектите, што оставило можност од субјективна проценка при реализација на програмите и јавните повици.

Државниот завод за ревизија истакнува дека во 2021 година, од вкупно евидентираните капитални расходи од потпрограма С4 во износ од 19.913.000 денари, како материјални средства во деловните книги на Генералниот секретаријат евидентиран е износ од 2.023.000 денари односно 10 отсто од исплатените капиталните расходи.

„Извршена е исплата на средства во вкупен износ од 5.933 илјади денари за активности во рамки на проекти кои се финансираат преку потпрограма С4, врз основа на фактури/градежни ситуации без приложена поткрепувачка документација-градежна книга, градежен дневник, испратница, работен налог, записник за завршена работа, писмен налог за воведување во работа. Горенаведените состојби не се во согласност со член 12 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници и влијаат врз реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Генералниот секретаријат, како и квалитетот на информациите кои ги нудат истите“, стои во Ревизорскиот извештај.

Инаку, Мета.мк веќе подолг период наназад пишуваше дека владата издвојува премалку средства за справување со аерозагадувањето, а дел од мерките што самата ги предложи не се исполнија во реалноста.

Мета факт: Владата ветила, па се пишманила за воведување систем за рана најава на загадување на воздухот

Мета-факт: Не се гасифицирале 3.000 домаќинства за две години

Мета факт: Неисполнето е владиното ветување за приклучување на 10.000 нови домаќинства на скопското парно

Исто така, врз основа на податоците на Државниот завод за статистика, може да се утврди дека на генерално ниво владата ниту половина од даноците за животна средина што ги инкасира во државната каса не ги инвестира во заштитата на животната средина. Па така, во 2020 година биле платени вакви даноци во висина од 205 милиони евра, додека инвестициите и трошоците за заштита на животната средина биле нешто над 97,1 милиони евра. Притоа, само минорен дел од овие средства се одвоени за подобрување на квалитетот на воздухот во Македонија.

Ниту половина од даноците за животна средина не се инвестираат во нејзината заштита [инфографик]