fbpx

Мета-факт: Не се гасифицирале 3.000 домаќинства за две години

-

Нема нови 3.000 домаќинства кои се поврзани на гасоводната мрежа и кои добиле можност природниот гас да го користат за затоплување на домовите. Амбициозната цел поставена во Планот за чист воздух, кој требаше да се реализира до 2020 година, како одговор на екстремното загадување на воздухот во земјава, не е ниту блиску до реализација. Според стратешката програма на Владата од 2018 година, се предвидуваше во Скопје загадувањето да се намали до 50 отсто, а во другите градови од 30 до 50 отсто, а како водечки од секторите кои се најкритични извори на загадување се наведува домашното затоплување.

Сепак, иако загревањето на домовите е препознаено како еден од поголемите фактори на загадување, сепак и во моментов во земјава има само две општини, Куманово и Струмица, каде има гасоводна мрежа која дава можност да се приклучат, покрај компаниите и јавните објекти, и домаќинства. Според податоците од Регулаторната комисија за енергетика, лиценци за дистрибуција на природен гас се издадени на јавните претпријатија „Струмица гас“ и „Куманово гас“, како и на ТИРЗ, преку кое со овој енергенс се снабдуваат повеќе производствени капацитети, но не и домаќинства.

„Во Република Северна Македонија во моментот функционираат три помали системи за дистрибуција на природен гас Технолошко-индустриска развојна зона ТИРЗ Скопје 1 и Скопје 2 кај с. Бунарџик со должина на дистрибутивната мрежа од 5,6 километри, Општина Куманово и Општина Струмица. Преку овие системи за дистрибуција на природен гас се врши испорака на природен гас за потребите на индустриските и комерцијалните потрошувачи, јавните установи и домаќинствата“, велат од РКЕ.

Сепак, бројот на граѓани во овие две општини заедно, кои го користат овој начин на затоплување во моментов, е многупати помал од она што властите предвиделе дека ќе се зголеми за само две години. Новите приклучоци направени во минатата година, се бројат на една рака.

Од тука, може да заклучиме, дека ова ветување, не е исполнето.

Во Куманово, на дистрибутивната мрежа на „Куманово гас“ се поврзани околу стотина домаќинства и 31 правен субјект. Од нив, три се станбени згради, во кои има уште 150 домаќинства. Во 2022 година, според диртекторот Марко Митровски, се приклучиле само пет нови домаќинства.

„Мрежата во Куманово изнесува 22 километри и не е доволно искористена. Бројот на корисници може да расте, заради што и Општината го субвенционира приклучокот за домаќинствата“, вели Митровски.

Во Струмица, природен гас користат 340 домаќинства, а во 2022 година се прикличиле само две нови. Директорот на „Струмица гас“, Благој Милановиќ вели дека причината за тоа е високата цена на гасот. Мрежата која постои од 2012 година, според него, функционира без прекини или проблеми.

„Во Струмица има 43 километри мрежа и капацитет за приклучување на уште голем број корисници, и домаќинства и производствени капацитети. Од тие причини, Општината, за домаќинствата дава субвенција, по 10 денари за секој потрошен кубен метар гас“, вели Милановиќ.

Извори:

План за чист воздух на Владата на Република Северна Македонија, проверено на 28.02.2023 г.

Прес конференција за презентирање на Планот за чист воздух, објавена на веб страната на Владата на 15 Ноември 2018 година, проверено на 28.02.2023 г.

Изјава на Јани Макрадули за медиуми објавена на 15 ноември 2018 година, проверено на 28.02.2023 г.

Текст на Радио МОФ објавен на 29 Јануари 2019 година со наслов: „Квалитетни мерки ќе има кога животната средина ќе биде поважна од економскиот интерес“, проверено на 28.02.2023 г.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...