fbpx

Мета факт: Владата ветила, па се пишманила за воведување систем за рана најава на загадување на воздухот

Најавувањето дека ќе се работи на проект за алармирање од опасност од високи концентрации на загадување на воздухот, беше дел од предизборните ветувања, а стана дел и од Програмата за работа за 2021 година, како една од точките во делот за заштита на животната средина. Во Програмата на Владата за 2022-2024 година, ова ветување е избришано

-

Систем во четири нивоа на опасност за рана најава на поволна временска прогноза за појава на зголемено загадување на воздухот кој ќе биде дел од постоечкиот систем за рана најава во УХМР, беше едно од ветувањата што беше дел од Програмата за работа на актуелната Влада. Најавувањето дека ќе се работи на ваков проект за алармирање од опасност од високи концентрации на загадување на воздухот, беше дел од предизборните ветувања, а стана дел и од Програмата за работа за 2021 година, како една од точките во делот за заштита на животната средина.

Сепак, во Програмата на Владата за 2022-2024 година, ова ветување е избришано.

Во Програмата за работа на Владата за 2021 година стои:

„Владата ќе инвестира во дополнителни мерни станици низ државата и посебна софтверска апликација која ќе овозможи полесен и потранспарентен приказ на состојбата со ПМ честичките, како по датум, така и по локација, со соодветни прегледи и извештаи. Во 2021 година ќе воведеме систем во четири нивоа на опасност за рана најава на поволна временска прогноза за појава на зголемено загадување на воздухот кој ќе биде дел од постоечкиот систем за рана најава во УХМР. Податоците за емисиите од големите загадувачки капацитети ќе им бидат достапни на граѓаните во реално  време, како  и  Катастарот за  животна  средина, регистрите за испуштање и пренесување на загадувачки материи, регистрите на издадените еколошки дозволи и одобрени елаборати. Ќе дадеме поддршка на иницијативите за поставување мерни станици, со пропишување на различни категории мерни инструменти, според нивната прецизност на мерењата со цел детектирање на локалните доминантни извори на загадување на воздухот.“

Сите други ветувања од оваа точка, освен воведувањето на системот од четири нивоа за рана најава на загадување се пресликани и во актуелната програма која треба да се реализира до следната година. Причините зошто токму системот за рана најава на загадување на воздухот е тргнат во моментов не се знаат бидејќи од Владата не одговорија на прашањата на Мета.мк

Од Министерството за животна средина, пак, кое е надлежно да комуницира со Управата за хидрометеоролошки работи и да алармира за пречекорен праг на максималните концентрации на ПМ честичките, велат не знаат за конкретниот проект што го планирала Владата. Од таму посочуваат дека веќе постои соработка со УХМР во врска со најава на временски услови кои допринесуваат за зголемување на загадувањето на воздухот.

„МЖСПП нема информација за воведување на четири нивоа на опасност за рана најава на поволна временска прогноза за појава на зголемено загадување на воздухот како дел од постоечкиот систем за рана најава во УХМР. МЖСПП може да даде одговор за поврзаноста на податоците за временската прогноза од УХМР со загадувањето на амбиенталниот воздух согласно постоечкото национална законодавство кое ги дефинира граничните и целните вредности, долгорочните цели и праговите за информирање и алармирање за концентрациите на загадувачките суспстанци во амбиентниот воздух во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање“, велат од Министерството.

Граничните и целните вредности за SO2, NO2, CO, PM10, PM2.5, O3, бензен, PAHs и тешки метали се веќе дефинирани во законската регулатива со цел да се заштити здравјето на луѓето. Конкретно за ПМ 10 честичките, прагот на информирање е два последователни дена со среднодневна концентрација од 100 микрограми на метар кубен, додека прагот на алармирање се два последователни дена со среднодневна концентрација од 150 микрограми на метар кубен.

„Доколку овие вредности се дополнети со временска прогноза од УХМР за стабилна временска состојба за наредните денови, тогаш праговите се сметаат за надминати“, посочуваат од министерството.

Во Управата за хидрометеоролошки работи исто така немаат информации каков би требало да биде системот на четири нивоа. Директорот Ивица Тодоровски вели дека оваа институција е првата алка во раната најава и кога се однесува на загадувањето на воздухот и на други природни временски непогоди со информациите кои ги испраќа до Министерството за животна средина, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за спасување или други надлежни институции.

Временската прогноза, посочува, е најточна до пет денови однапред, а на зголемено загадување може да упатува доколку не се очекуваат атмосферски активности како дожд, ветер или снег.

„Со помош на радарски системи се изработуваат временски прогнози за брзо предупредување во рамките на системот за рана најава. Податоците се собираат од 65 автоматски станици во 19 центри низ целата земја, што значи имаме густа мрежа и доволен број податоци за обработка врз основа на кои се прават прогнозите“, вели Тодоровски.

Оттука може да заклучиме дека ова ветување на Владата не е исполнето и без објаснување истото е повлечено.

ИЗВОРИ:

Влада на РСМ, Програма за 2021 година: Заштита на животна средина, проверено на 25.04.2023;

Влада РСМ: Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија
за периодот 2022–2024 година, проверено на 25.04.2023;

Локално.мк (14.09.2020) – Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели на Владата, проверено на 25.04.2023;

Независен.мк (14.09.2020) – Екологијата еден од приоритетите – засилена контрола, санација на индустриските жаришта и казни за загадувачите, проверено на 25.04.2023.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...