Даноците за животна средина што се уплаќаат на државно конто се значително поголеми од инвестициите и трошоците за заштита на животна средина во земјава. И покрај тоа што македонското општество се соочува со бројни еколошки предизвици, магичниот круг на парите вели дека ниту половина од уплатените даноци за животна средина во Македонија не се инвестираат во заштита на животната средина.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјава биле платени даноци за животната средина во износ од 12.633.2 милиони денари или над 205 милиони евра, што е за 7,9 отсто помалку отколку во споредба со рекордниот прилив од даноци што беше претходно постигнат во 2019 година.
Најголемо намалување бележат даноците за загадување собрани во секторот Рударство и вадење на камен. Во 2020 година, најголемо учество во даноците за животната средина имаат даноците за енергенти со 67,3 отсто, по што следат даноците за транспорт со 31,7 отсто и даноците за загадување со 1 отсто.
Изразено во бројки, преку ставката даноци за енергенти државата инкасирала над 138 милиони евра, додека преку даноците за транспорт во државната каса се слеале речиси 65 милиони евра. Околу 2 милиона евра биле собрани во 2020 година преку уплатените даноци за загадување, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Учеството на даноците за животна средина во бруто-домашниот производ во 2020 година е 1,9 отсто и е непроменето во однос на 2019 година.
Инвестициите за заштита на животната средина помали од даноците
Наспроти уплатените даноци, статистичките податоци покажуваат дека вредноста на инвестициите и трошоците за заштита на животната средина во 2020 година во Македонија изнесувале 97.159.431 евра, односно повеќе од двојно помалку од она што го собрала државата.
Традиционално, со години наназад најмногу се вложува кај трошоците и инвестициите во заштита на животната средина во делот на управувањето со отпадот, додека најмали се вложувањата во заштитата на почвата и на шумите во земјава.
Важно е да се напомене дека кај инвестициите и трошоците за заштита на животната средина не влегуваат единствено средствата вложени од државата и локалните власти, туку и од приватниот сектор. Всушност, статистичкиот извештај на Државниот завод за статистика покажува и дека најголемиот дел од инвестираните средства во заштита на животната средина доаѓа токму од стопанството, кое е задолжено со актуелните закони да имплементираат филтри на оџаците, пречистување на индустриските води или соодветно одлагање на отпадот од нивното работење.
Според јавно достапните податоци од веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, вкупните расходи на ова министерство во 2020 година изнесувале 10,4 милиони евра со усвоениот ребаланс, иако првичните средства што ги имале на располагање за оваа година биле во износ од 13,8 милиони евра.
Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за бројните еколошки проблеми со кои се соочува земјава, почнувајќи од високите нивоа на аерозагадување во градовите низ земјава, преку потребата од изградба на пречистителните станици за отпадни води и современи регионални депонии, до неопходноста од решавање на контаминираните “жешки” еколошки точки. Со исклучок на започнатото чистење на линданот во скопски ОХИС, редовното објаснување на надлежните власти е дека нема доволно финансии за решавање на проблемот со арсенот во Лојане и Табановце, депонијата со шестовалентен хром во Јегуновце, отпадниот гипс кај Згрополци и другите контаминирани подрачја во земјава.