„И јас сум тука“: Фотографии, книга и документарец против предрасудите за лицата со попреченост

Фото: Тоше Огњанов

Вечерва во холот на Кинотеката во 19:00 часот ќе се одржи фотографската изложба „И јас сум тука“ инспирирана и посветена на лицата со попреченост и борбата против предрасудите.

Во изложбата се вклучени 20 лица со посебни потреби на различна возраст. Нивните портрети ќе бидат придружени со кратки приказни посветени на нив.

Автори на изложбата се новинарката Сребра Ѓорѓиевска и фотографот Тоше Огњанов кои го започнале овој проект со започнување на свое патување низ Македонија минатата година. Поттикнати од иницијативниот и главен проект „Децата не се раѓаат со попреченост“ во координација на шведскиот театар „Глада Худик“ од Худиксвал, со поддршка на Шведскиот институт.

Проектот „И јас сум тука“ започнал преку долгогодишната соработка на новинарката Ѓорѓиевска со Дејан Трајкоски, директорот на фестивалот „Про-За Балкан“. Проектот се реализирал преку Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, во кој таа активно е вклучена и во програмскиот дел.

„Можноста да се работи во меѓународна соработка, при тоа и на ваква важна тема беше голем предизвик. Проектот опфаќаше повеќе фази. Приказните ги направивме за нецели 3 месеци. Не беше едноставен патот, некаде не успевавме да ги убедиме семејствата да зборуваат, некаде коронавирусот знаеше да биде пречка или летниот одмор. Половина од приказните беа направени во Скопје, со голема поддршка на родителите. Многу ме изненади отвореноста, да се зборува за проблемите со кои се соочуваат“, истканува новинарката.

Фото: Тоше Огњанов

Таа вели дека е убедена дека децата не се раѓаат со предрасуди и дека растат учејќи за стигмите и пречките во општеството од возрасните, па можеби токму затоа ваквите проекти се прво наменети за родителите.

Фотографот Тоше Огњанов бил зачуден од текот и пресврот на патувањето кое го започнале минатата година. Неговиот поглед кон светот целосно се променил откако тој почнал да им се доближува преку разговор на лицата чии потреби и способности се малку поразлични од повеќето луѓе за да ги фотографира.

„Колку и да звучи необично, фотографирањето на овие мои драги пријатели, веќе ги нарекувам пријатели, беше многу полесно отколку на други фотосесии. Кај сите нив ја забележав потребата да бидат видени, да бидат слушнати и да има некој што ќе им посвети внимание. Насмевката што ми ја упатуваа, кога ќе го насочев апаратот кон нив беше нешто најтопло и најискрено што имам видено пред себе во сите овие години поминати со апаратот во рака“, вели тој.

Тој посочува дека никогаш нема да знаеме доволно за да ги разбереме сè додека не влеземе во нивниот свет.

И двајцата автори работењето на овој проект го опишуваат како емотивно искуство  кое им предизвикално различни емоции, но и влијателен осврт кон својот светоглед.

„’И јас сум тука’ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. ‘И јас сум тука’ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“, раскажуваат тие.

Сребра Ѓорѓиевска и Тоше Огњанов вечерва на започнувањето на изложбата и утревечер на промоција на книгата „И јас сум тука“ ќе имаат свое обраќање за импресиите од нивната заедничка работа и исполнување на оваа благодетна задача. Модератор на промоцијата ќе биде Александра Јуруковска.

На вечерашното отварање ќе се обрати и амбасадорката на Шведска во Македонија, Кристин Форсген Бенгстон. Гостинка ќе биде и Ануки Стуруа, проект менаџер на проектот „Децата не се раѓаат со попреченост“.

Изложбата ќе биде отворена до 23 ноември

Основач на шведскиот проект е Пер Јохансон во 2014 година. Пер е театарски режисер, сценарист и продуент и основач на театарот „Глада Худик“. Проектот е креиран со цел да се намалат предрасудите во стереотипското општество насочени кон лицата со попреченост и се оценува како доволно успешен продуцирајќи и краток документарен филм „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског. Документарниот филм ќе биде прикажан вечерва по завршување на изложбата.

За филмот, Јохансон вели: „Сè започна кога мене ме контактираше девојче со име Ема

Официјален постер

Ертлунд. Ема е лице со интелектуална попреченост. Таа ми се јави и ми рече дека целиот свој живот трпи дискриминација, а најмногу на училиште. Ми опиша за нејзината желба дека сака да стане модел, но дека не можела да присуствува ниту на училишната матурска забава. Нејзиниот фустан сè уште висел во плакарот. Јас ѝ реков дека Ема ја прифаќаме како Ема, но не секој може да биде модел, тоа е биолошка определба. Тогаш таа ми рече: „Знам, но кога ги контактираш во ‘Глада Худик’, работите вообичаено функционираат и одат кон подобро“. Размислив повторно и одлучив. Ќе правиме модна ревија во Њујорк, во која ќе учествуваат актерите на театарот: Ема, Ида, Николас, Алекс и Кити. Така започна сè. “

Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Филмот за брзо време станал познат и се прикажал низ сите кина во Шведска, а сега се прикажува и на интернационално ниво. Овој филм претставува поинакво патување на запознавање, тимска работа и проект кој ги приближува двата навидум различни светови и ја брише границата меѓу нив овозможувајќи да надвладее чувството на човечност. Тој ќе се прикаже во Кинотеката на Македонија на 3, 18 и 19 ноември.

„Кога ја видов модната ревија во живо, мислам дека почувствував како секое чувство што постои поминува низ мене во рок од една минута. Некаде во ова, човечкото право да заблеска доби најголема моќ“, со емоции раскажува Пер Јохансон, основач на театарот „Глада Худик.“

Театарот „Глада Худик“ е основан во 1996 година во Худиксвал како резултат на фрустрацијата што ја имал Пер Јохансон од предрасудите кои обичните луѓе ги имале кон луѓето со попреченост. Неговата замисла била лицата со посебни потреби да се насочуваат кон креативност и творење и со тоа да се добие чувство на нормалност и прифатеност. Целта ја постигнал создавајќи театар каде се среќаваат луѓе кои вообичаено не би се дружеле и каде стравот и предрасудите се претвораат во разбирање и пријателство.