Фото: Твитер профил на Андреј Пленковиќ

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ и министерот за здравство, Вили Берош денеска јавно се вакцинираа со вакцината „Оксфорд/АстраЗенека“ во седиштето на Владата во Загреб.

Мислам дека е испратена силна порака до медицинската наука и професија, особено затоа што се вакциниравме со АстраЗенка, изјави Берош пред новинарите по вакцинацијата.

Тој изрази верување дека со вакцинирање ги охрабруваат граѓаните „да ги следат на тој пат на сузбивање на епидемијата и враќање во нормален живот“.

„Секоја вакцинирана индивидуа придонесува за заштита на населението и е чекор поблиску до старата нормала, но и чекор поблизу до успешна туристичка сезона“, истакна министерот за здравство.

Пленковиќ на својот твитер профил сподели фотографии од јавното вакцинирање и напиша дека сите одобрени вакцини се сигурни и ефикасни против ковид-19, а вакцинирањето е најдобар начин за што побрзо враќање во нормалниот живот.

Берош, Пленковиќ и Јандроковиќ беа заразени со ковид-19, па затоа не се вакцинираа во јануари, кога тоа пред камерите го направија хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, министрите и пратениците.

Хрватските медиуми напишаа дека дел од граѓаните се откажале од вакцинирање со Астра Зенека од страв дека вакцината не е доволно безбедна. Хрватска не престана да вакцинира со Астра Зенека, иако некои земји-членки на ЕУ привремено престанаа да вакцинираат до минатиот четврток, кога Европската агенција за лекови процени дека станува збор за безбедна и ефикасна вакцина.