Членовите на атрактивниот американски хор „Хауард госпел“, синоќа, пред полното гледалиште на Антички театар, го одржаа роденденскиот концерт, по повод 55-годишнината од постоењето на фестивалот „Охридско лето“.
Со својот настап, изборот на програмата, со позитивниот однос кон публиката, градот и кон земјата, тие ја оправдаа, како што самите кажаа, „големата чест да се биде дел од 55. јубилејно издание“.
Заедно со неколкуилјадната публика, на фестивалот му ја испеаја „Happy birthday“, а концертот завшри со „O happy day“ на Едвин Хокинс. Сето тоа, за фестивалот, за публиката, но и за американскиот претседател Барак Обама, кој, исто така, вчера го славеше својот роденден.
Дел од публиката беше и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.
Американскиот „Хауард госпел-хор“ е првиот академски хор од ваков вид во светот. Основан е во 1968 година и е составен од сегашни и од поранешни студенти на Харвардскиот универзитет, како и од пасионирани љубители на хорската музика. На нивниот репертоар се наоѓаат композиции од современата и од традиционалната американска госпел-музика, црковни химни, црнечка духовна музика и други.
„Хауард госпел-хорот“ активно настапува во САД, Канада, Барбадос, Хрватска, Италија, Данска, Шведска, Украина и во други земји.
При гостувањата, хорот одржува и работилници и мајсторски школи, на кои учесниците се информираат за госпел-музиката, но и воопшто за вокалното пеење.