fbpx

Хаос во Казахстан, десетици убиени и над 1.000 повредени лица во протестите

-

Ескалира состојбата во Казахстан по протестите што започнаа во оваа централноазиска земја на 2 јануари во западните градови Жанаозен и Актау, а во меѓувреме се проширија и во најголемиот казахстански град Алмати. Властите во Казахстан утрово потврдија дека најмалку 12 припадници на безбедносните сили биле убиени во Алмати, при што еден од нив бил обезглавен. Истовремено, тие информираат дека десетици напаѓачи на административните згради и полициските објекти во Алмати вчера биле ликвидирани, јавува руската новинска агенција ТАСС.

Би-би-си ги потврдува ваквите бројки, напоменувајќи дека досега биле повредени 353 припадници на безбедносните сили во протестите што го зафатија Казахстан. Министерството за здравство на Казахстан јави дека досега се повредени повеќе од 1.000 лица во нередите.

Протестите започнаа поради поскапувањето на течниот гас во земјата, најпрво во градовите од западниот дел на земјата, по што граѓаните излегоа на протести што подоцна се проширија во десетици градови. Засега состојбата е мирна во казахстанскиот главен град Нур-Султан. Инаку, Казахстан е деветта по големина земја во светот, во која што живеат различни етнички и религиозни групи низ државата и има два официјални јазика – казашки и руски.

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев побара интервенција од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), во која членуваат дел од поранешните советски републики предводени од Русија. Веднаш по ваквото барање вчера, Русија денеска испрати падобранци во Казахстан како дел од „миротворните сили“ што ќе следат и наредните денови за официјалните власти да ја смират безбедносната состојба во земјата, јавува Гардијан. И Белорусија потврди дека ќе испрати „миротворни“ сили во Казахстан.

Инаку, истрели од огнено оружје се слушаат и во четвртокот наутро во Алмати, а според сведоци на агенцијата Ројтерс, продолжуваат судирите меѓу демонстрантите и вооружените сили. Во најголемиот казахстански град, којшто брои околу 1,5 милиони жители, се испратени и армиски вооружени сили за смирување на ситуацијата. Интернетот во Казахстан е прекинат, а не функционира ниту аеродромот во Алмати.

Покрај тоа што ги врати старите цени на течниот гас, Токаев го разреши и Нурсултан Назарбаев од претседателската функција во Советот за безбедност на Казахстан. Токму Назарбаев три децении недемократски раководеше со земјата од нејзиното осамостојување по распадот на СССР, при што во 2019 година Назарбаев му ја предаде власта на сегашниот претседател Касим-Жомарт Токаев. Дел од руските медиуми јавуваат дека Нурсултан Назарбаев е подготвен да ја напушти земјата и „поради лекување“ да замине во странство, но засега нема потврда за тоа кога ќе се реализира ова.

Истовремено, актуелниот претседател на Казахстан ги нарече демонстрантите “терористички банди” тренирани во странство, воведувајќи вонредна состојба со полициски час и забрана за масовни собирања. Тој предупреди жестоко ќе интервенираат безбедносните сили.

Во меѓувреме, Европската Унија (ЕУ) ги повика сите страни во Казахстан да покажат воздржаност и одговорност во услови на зголемени општествени тензии што се појавија поради огромниот пораст на цените на течниот нафтен гас.

„Ги повикуваме сите засегнати да дејствуваат со одговорност и воздржаност и да се воздржат од дејствија кои би можеле да доведат до понатамошна ескалација на насилството“, рече во писмената изјава Набила Масрали, портпаролка на Европската служба за надворешни работи.

Обединетите нации (ОН) побараа од казахстанските власти да покажат „воздржаност“ во справувањето со граѓанските немири.

Прес-секретарот на Белата куќа Џен Псаки рече дека Соединетите Американски Држави (САД) ги поддржуваат „повиците за смиреност“ и рече дека демонстрантите треба да можат „да се изразуваат мирно“, повикувајќи ги властите „да покажат воздржаност“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...