fbpx

Грчка ДЕСФА постана акционер на Гастрејд кој ја гради гасната постројка во Александрополис

-

Националниот оператор на системот за природен гас на Грција (ДЕСФА) го ратификуваше неговото учество во акционерската структура на Гастрејд, компанијата што ја развива пловечката единица за складирање и регасификација на течен природен гас во грчкиот град Александрополис. Ваквиот потег следува по одобрението од Европската комисија за стекнување заедничка контрола на Гастрејд од страна на Операторот и другите акционери.

Од ДЕСФА во соопштението до медиумите во земјава информираат дека се стекнуваат со 20 отсто од акционерскиот капитал на Гастрејд. Договорот за трансфер на акциите го потпишаа извршниот директор на ДЕСФА, Мариа Рита Гали и Константинос Сифнаиос, потпретседател и проект менаџер, во име на основачкиот акционер и претседател на одборот на Гастрејд, Елмина Копелузу, во просториите на Гастрејд во Атина.

Големиот енергетски капацитет во Александрополис се гради под заедничка контрола на Гастрејд од страна на ДЕСФА, DEPA Commerce AE, GasLog Cyprus Investments Ltd. и бугарската Bulgartransgaz EAD.

Изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG) на Александрополис активно ќе придонесе за енергетската безбедност, ликвидноста и ефикасноста на Грција и ќе ја зајакне стратешката улога на Грција во Југоисточна Европа, нудејќи можности за нов извоз на природен гас во регионот. Покрај гасоводниот крак кон Северна Македонија, гасот од Александрополис ќе може да се извезува кон Бугарија, Србија, Романија и Украина.

Ова е клучен европски проект од заеднички интерес (PCI – Project of Common Interest – EU Regulation 347/2013), кој е приоритет за Европската Унија, бидејќи ја зајакнува безбедноста и ги диверзифицира изворите и правците на снабдување со енергија.

Дополнително, проектот поттикнува конкуренција меѓу добавувачите на гас и го поддржува создавањето на центар за трансакции во поширокиот регион на Југоисточна Европа, што ќе доведе до пониски цени од кои ќе имаат корист сите крајни потрошувачи.

Гасниот капацитет во Александрополис ќе биде поврзан со Националниот систем за пренос на природен гас на Грција со цевковод долг 28 километри. Се очекува терминалот да биде оперативен до 2023 година.

Во моментов, Северна Македонија, Србија и Бугарија се целосно зависни од увозот на природен гас од Руската Федерација. Во иднина, преку гасниот терминал и гасната централа во Александрополис нашата земја ќе има можност да се снабдува со течен гас од САД, како и со природен гас од Азербејџан. Стратешкиот капацитет се наоѓа покрај постојниот гасовод ТАП-ТАНАП кој доведува и природен гас од Азербејџан, а Северна Македонија ќе треба да го догради магистралниот гасовод од Неготино до границата со Грција за да може да увезува гас од Александрополис.

Северна Македонија и официјално влезе во големата енергетска постројка во Александрополис преку која ќе се обезбедува природен гас кој доаѓа од Азербејџан, односно течен гас од САД и други земји.

Македонските власти лани и официјално ги потпишаа меморандумите за учество на земјава во овој мега енергетски проект, кој до 2023 година треба да обезбеди складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

Македонскиот удел во двата проекта подразбира инвестиција од 25 проценти во гасната централа на природен гас од 800 мегавати, којшто претставува проценета инвестиција од над 380 милиони евра. Исто така, земјава ќе учествува со инвестиција во износ од 10 отсто во гасниот терминал, со учество во вредност од околу 370 милиони евра. Финансискиот проект се очекува да биде поддржан и од страна на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...